Захарија 13:1-9
Захарија 13:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во оној ден ќе се отвори извор за домот Давидов и за жителите ерусалимски, за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата. Во оној ден, вели Господ Саваот, Јас ќе ги истребам имињата на идолите од оваа земја, и тие повеќе нема да се спомнуваат; ќе ги истребам и лажните пророци и нечистиот дух од оваа земја. И ако пак се појават пророци, татко му и мајка му, што го родиле, ќе му речат: ти не треба да живееш, зашто кажуваш лага во името на Господ; и ќе го убијат татко му и мајка му, кога тој ќе пророкува. Во оној ден ќе се засрамат таквите пророци, секој од кажувањето свое, кога ќе почнат да пророкуваат, и нема да се облекуваат во вреќишта, за да лажат, туку секој ќе рече: јас не сум пророк, земјоделец сум, земјата ми е наследство од детството мое. И ако некој го праша: а од што ти се раните на рацете твои? Тој ќе одговори: „Раните ги добив од моите пријатели.“ О, мечу, пробуди се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ Саваот: удри го пастирот, и овците ќе се распрснат! И Јас ќе ја свртам раката Своја против слабите. И по целата земја, вели Господ, два дела од неа ќе бидат истребени, ќе изумрат, а третиот ќе остане. И тој трет дел ќе го минам низ оган, и ќе ги пречистам како што се пречистува сребро, и ќе ги проверам, како што се проверува злато; тие ќе го повикаат името Мое, и Јас ќе ги чујам; ќе речам: „Тоа е Мојот народ“, а тие ќе речат: „Господ е наш Бог!“
Захарија 13:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во оној ден ќе им се отвори извор на Давидовиот дом и на Ерусалимците, за да се измијат од гревот и од нечистотата. Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе ги откорнам од земјата имињата на киповите за да не се спомнуваат веќе; ќе ги оддалечам од земјата и пророците и духот на нечистотата. Ако некој уште ќе пророкува таткото и мајката кои го родија ќе му речат: ‘Не ќе живееш веќе, зашто зборуваш лага во Господово име!’ Таткото и мајката, кои го родија, ќе го прободат кога ќе пророкува. Во оној ден секој пророк ќе се срами од своето видение: не ќе се наметнуваат веќе со наметка од козина за да лажат, туку ќе рече: ‘Јас не сум пророкот; јас сум земјоделец, земјата е мое добро од младоста!’ Ако некој го праша: ‘Какви ти се тие рани по рацете?’ тој ќе одговори: ‘Ранет сум кај пријателите.’ Разбуди се мечу, против мојот пастир, против човекот, мојот роднина - говори Господ над Воинствата. Удри го пастирот, и овците ќе се разбегаат! Ќе ја свртам раката против слабите, и во целата земја - говори Господ - ќе бидат истребени две третини, а една третина оставена. Таа третина ќе ја поминам низ оган, ќе ги очистам како што се чисти среброто, ќе ги очистам како што се очистува златото и тие ќе го повикуваат Моето име, а Јас ќе им се одѕвијам; и ќе речам: ‘Тоа е Мој народ!’ а тие ќе речат: ‘Господ е мој Бог!’“