Рута 4:1-8
Рута 4:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Вооз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше тој. И му рече: „Дојди и седни тука!“ Тој дојде и седна. Вооз повика десет мажи од градските старешини и рече: „Седнете тука!“ И тие седнаа. И Вооз му рече на роднината: „Ноемина, која се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, што му припаѓа на братот наш Елимелех; јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука – старешините на мојот народ. Ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, решиш да не го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.‘“ Тој одговори: „Јас ќе го откупам.“ Вооз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемина, треба да ја земеш за сопруга и Моавката Рута, жена на умрениот, за да остане нивата во наследството на нејзиниот починат маж.“ А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, зашто ќе го растурам моето наследство; преземи го ти моето право на откупување, бидејќи јас не можам да ја земам.“ Порано во Израел, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување на размената постоеше ваков обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, и тоа служеше како сведоштво во Израел. И оној роднина му рече на Вооз: „Откупи го ти!“ И ја собу обувката своја, и му ја даде.
Рута 4:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Воз излезе при градската врата и седна таму. И ете, помина оној старател за кого зборуваше. И Воз го повика: „Еј, дојди тука и седни!“ Тој дојде и седна. Тогаш Воз зеде десет луѓе од градските старешини и рече: „Поседнете тука!“ Потоа му рече на старателот: „Ноемина, која се врати од Моавските Полиња, сака да ја продаде онаа земја на нашиот брат Елимелех. Затоа одлучив да разговарам со тебе и да ти предложам да ја откупиш нивата пред овие кои седат тука и пред старешините на мојот народ. Ако имаш намера да ја откупиш, тогаш откупи ја; ако немаш намера, кажи ми, да знам. Зашто, пред тебе никој нема право на откуп; јас сум по тебе.“ А оној рече: „Сакам, ќе ја откупам.“ Тогаш Воз кажа: „Кога ќе ја купиш земјата од рацете на Ноемина, треба да ја земеш и Моавката Рута, покојниковата сопруга, за да му го запазиш покојниковото име во наследството.“ Но роднината рече: „Е, тогаш не можам да бидам откупник, за да не го растурам своето наследство. Откупи ја ти, зашто јас не можам.“ А од старина беше обичај во Израел: за да се поткрепи полноважноста на откуп или на замена, човекот би собул една обувка и би му ја дал на другиот. Тоа беше сведоштво во Израел. И така и оној старател му рече на Воз: „Откупи ти!“ па ја собу обувката и му ја даде.