Римјаните 7:1-6
Римјаните 7:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги христијани! Овие зборови им ги упатувам на поборниците на Мојсеевиот Закон. Не знаете ли дека кој и да е закон има моќ над луѓето само додека се живи? На пример, омажената жена е со закон врзана за својот сопруг, додека е тој жив. Ако тој умре, таа е ослободена од законската обврска. Кога таа би заживеала со друг маж, додека нејзиниот сопруг е се уште жив, таа би била сметана за прељубница. Но ако сопругот и умре, таа е ослободена од законската обврска, и ако се омажи за друг човек, нема да биде сметана за прељубница. Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог. Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт. Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот.
Римјаните 7:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Или, пак, не знаете, браќа, – им зборувам на такви што го познаваат Законот – дека Законот има власт над човекот додека е тој жив? Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив; ако умре мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот. Затоа, ако се омажи за друг маж, додека ѝ е уште жив нејзиниот маж, таа ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек. Па така и вие, браќа мои, за Законот преку телото на Исус Христос умревте, за да Му припаднете на Друг, на Оној Кој беше воскреснат од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога. Зашто, кога живеевме во телото, тогаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да ѝ принесеме плод на смртта; но сега, ние сме слободни од Законот, откако умревме за она за што тој нѐ држеше врзани, за да Му служиме на Бога со обновен дух, а не според старата буква.
Римјаните 7:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Или не знаете ли, браќа - им зборувам на оние, кои го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е жив? Така, омажената жена преку закон е врзана за мажот, додека е тој жив; но ако мажот умре, слободна е од законот, што ја сврзал со мажот. Според тоа, ако му стане жена на друг, додека нејзиниот маж живее, ќе биде прељубница; но ако мажот ѝ умре, слободна е од законот, и не е прељубница, ако се омажи за друг. Така и вие, браќа мои, умревте за законот преку Христовото тело, за да Му припаднете на Другиот, Кој воскресна од мртвите, за да Му донесеме плод на Бога. Зашто, додека бевме во телото, во нашите членови дејствуваа грешни страсти, кои Законот ги побудуваше, така што ги донесувавме плодовите на смртта. А сега, се ослободивме од Законот, откако умревме за оној, кој нѐ потчинуваше, за да служиме во нов дух, а не во старата буква.