Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 5:6-21

Римјаните 5:6-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Имено, уште додека бевме беспомошни, во вистинскиот момент Христос умре за нас, иако ние не го познававме Бога. Тешко би се нашол човек што би се понудил да умре дури и за некој праведен човек. За исклучително добар човек, можеби некој и би се решил да умре, но Бог ни покажа колку многу не сака кога Го испрати Христос да умре за нас уште додека бевме грешници. Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев. Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев! Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог. Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија. Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот, сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед. Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност. Ни резултатот од Божјиот подарок не е ист со последиците од Адамовиот грев. Од гревот на тој еден човек произлезе осуда за сите, додека од Божјиот подарок добиваме оправдание, иако сме виновни за многубројни престапи. Ако смртта завладеа преку престапот на само еден човек, колку повеќе оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и подарената праведност ќе завладеат со животот во полна сила, повторно по заслуга на еден единствен човек, Исус Христос. Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе. Како што преку непослушноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку послушноста на еден човек многумина ќе станат праведници. Божјиот Закон беше даден за да видат луѓето колку нараснал гревот. Но иако гревот многу нарасна, Божјата милостива благонаклоност се покажа поголема. Како што гревот владееше над сите луѓе и ги водеше во смрт, така сега владее Божјата чудесна благонаклоност, која ни подари праведност преку нашиот Господ, Исус Христос, и затоа ние ќе добиеме вечен живот.

Римјаните 5:6-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците. Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре. Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни. Затоа сега, откако веќе сме оправдани со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот. Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле. А освен тоа, и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија. Навистина и порано уште пред За­конот имаше грев во светот, но гревот како таков не може да се прифати, кога нема закон. А сепак смртта царуваше уште од Адам, па сѐ до Мојсеј и над оние што не погрешија според престапот на Адам. Тој е пралик на Оној што требаше да дојде. Но со дарот не е исто како и со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Бож­ја­та благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина. А тој дар е сосема поинаков од гре­вот на еден што погрешил, зашто су­де­њето за еден престап води кон осудува­ње, а дарот – од многу престапи кон оправдување. Бидејќи, доколку со престапувањето на еден завладеала смртта преку ед­ниот, дотолку повеќе оние, што го при­мија изобилието на благодатта и дарот на праведноста, ќе царуваат во животот преку еден – Исус Христос. И така, како што преку еден прес­тап дојде осудувањето на сите луѓе, та­ка и преку праведното дело на еден дој­де врз сите луѓе оправданието, кое дава живот. Зашто, како што преку непос­луш­носта на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни. А притоа дојде и Законот за да се наголеми престапот. Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност, та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.

Римјаните 5:6-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, додека уште бевме слаби, Христос умре во определено време за безбожниците. За праведник одвај некој ќе умре, а за добриот можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници. Сега, откако сме оправдани во Неговата крв, многу повеќе ќе се спасиме од гневот Божји преку Него. Зашто, ако сме помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син, додека бевме непријатели; толку повеќе - веќе помирени - ќе се спасиме во Неговиот живот. И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта; така смртта помина на сите луѓе, зашто сите згрешија. Имено: гревот беше во светот уште пред Законот; но гревот не се засметува кога нема Закон. Смртта пак царуваше од Адама до Мојсеја и над оние, кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е слика на Оној кој доаѓа. Но дарот на благодатта не е како престапувањето; зашто ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина; многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос. И дарот не бидува како што се случи кога згреши еден. Имено, судот произлезе од еден кој погреши и така доведе до осуда, а благодатниот дар доведе од многу престапи, до оправдување. Зашто, ако смртта зацари, заради престапувањето на еден; тоа многу повеќе оние - кои примаат изобилство на благодатта и дар на правдата - ќе царуваат во животот преку Едниот - Исус Христос. И така, како што преку еден престап дојде осудување на сите луѓе, така и преку едно праведно дело дојде за сите луѓе оправданието, што донесува живот; зашто, како што со непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и со послушноста на Еден мнозина ќе станат праведни. А покрај тоа, Законот дојде за да се зголеми престапувањето; но каде што гревот се зголеми, таму благодатта се излеа преизобилно: и како што гревот царуваше во смртта, така и благодатта да царува преку правдата за вечен живот преку нашиот Господ Исус Христос!