Римјаните 11:1-6
Римјаните 11:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин. Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи: „Господе! Тие ги убија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!“ Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал!“ Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има верни, избрани по Божја милост. Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок!
Римјаните 11:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И затоа, ви велам: Зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израелец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово. Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред го одбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бог Израелов, велејќи: „Господи, ги убија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.“ А како му вели Божјиот одговор: „Си оставив седум илјади мажи, кои не ги свиткаа колената пред Ваал.“ Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат. Но, ако е по благодат, не е веќе по дела, зашто тогаш благодатта не би била благодат.
Римјаните 11:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, прашувам: „Дали Бог го отфрли Својот народ? Далеку од тоа! Зашто и јас сум Израелец, од Авраамовото потомство, од Венијаминовото племе. Бог не го отфрли Својот народ, кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото, за Илија, како вика кон Бога против Израел, велејќи: “Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници; а јас останав сам, па и мојот живот го бараат.“ А што му вели Божјиот одговор: „Си оставив за себе седум илјади луѓе, кои не ги преклонија колената пред Ваала.“ Така е и во сегашното време, остана еден Остаток избран по благодатта. Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат.