Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 10:5-21

Римјаните 10:5-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Пишувајќи за стекнување праведност според Божјиот Закон, Мојсеј вели: „Кој ќе се придржува до сите наредби во Законот, ќе живее.“ А праведноста што се стекнува преку вера вели вака: „Не треба да се искачиш на небото за да Го доведеш Христос и не треба да слегуваш во светот на мртвите за да Го вратиш Христос меѓу живите!“ Пораката за спасение преку вера во Христос е лесно достапна, како што и се вели во Светото Писмо: „Пораката е близу до тебе, таа е на твоите усни, во твоето срце.“ Ова е учењето за верата што ние го проповедаме. Ако со својата уста Го признаваш Исус за Господ, и ако во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен. Ако длабоко во себе имаш таква вера, Бог ќе те смета за праведен. Ако со својата уста ја исповедаш оваа вера, ќе бидеш спасен. Светото Писмо вели вака: „Ниту еден од оние што веруваат во Него нема да се разочара!“ Без оглед на тоа дали се работи за Евреин или за припадник на некој друг народ. Единствениот Господ што постои е за сите и Тој е дарежлив спрема сите што бараат помош од Него. „Секој што ќе Му се обрати на Господ, ќе биде спасен.“ Но како ќе Му се обраќаат на Господ, ако не веруваат во Него? А како ќе поверуваат, ако не чуле за Него? Како ќе чујат, ако некој не им проповеда? А како може некој да проповеда, ако не е испратен од Господ? Затоа во Светото Писмо пишува: „Благословени се стапалата на луѓето што ја разгласуваат Радосната вест!“ Но сите не ја прифатија Радосната вест. Пророкот Исаија вели: „Господе, има ли некој што верува во пораката што ја проповедаме?“ Сепак, верата доаѓа преку слушање, и тоа преку слушање на Радосната вест за Христос. Но зарем Израелците не чуле? Се разбира дека чуле: „Гласот на Божјите созданија низ целата Земја се ори до крајот на светот зборот им се гласи.“ Пак ќе речам, зар на Израелците не им е јасно? Уште преку Мојсеј Бог им порача: „Ќе предизвикам љубомора кај вас, благословувајќи други народи што сега не се Мој народ, ќе се лутите кога ќе ги благословам неупатените народи!“ Пророкот Исаија храбро им кажа од името на Бог: „Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се објавив на оние што не прашуваа за Мене.“ А за Израелците, Бог вели: „По цел ден ги ширев рацете кон вас, непослушен и инаетлив народе!“

Римјаните 10:5-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Мојсеј пишува за праведноста на Законот: „Кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив.“ А праведноста од верата вели: „Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се ис­ка­чи на небото?“, што значи да се симне Христос, или: „Кој ќе слезе во бездната?“, што значи да се изведе Христос од мртвите! А што вели таа? – „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето ср­це“, односно словото на верата, што го проповедаме, зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш; бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение. А и Писмото вели: „Секој кој верува во Него, нема да се посрами.“ Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат. Бидејќи секој кој ќе го повика име­то Господово, ќе биде спасен. Но како да Го повикаат Оној во Ко­го не поверувале? Како, пак, да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А ка­ко да слушнат, ако нема кој да про­по­веда? И како да проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: „Кол­ку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто.“ Но Евангелието сите не го пос­лу­шаа. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во она што го проповедавме?“ Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово. Но велам: зар тие не слушнаа? На­против. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиш­тата на вселената.“ Пак велам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве раз­гне­вам.“ А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се от­крив на оние, кои не прашаа за Мене.“ За Израел, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослу­шен и бунтовен.“

Римјаните 10:5-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, Мојсеј пишува за праведноста, која е од Законот: „Човекот, кој ја исполнува, ќе живее од неа.“ А праведноста, која е од верата, зборува вака: „Да не речеш во своето срце: „Кој ќе се искачи на небото?“ односно, да Го симне Христа; или: „Кој ќе слезе во бездната?“ односно, да Го изведе Христа од мртвите! Но што зборува таа: „Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце,“ односно, словото на верата, која ја проповедаме. Зашто, ако со твојата уста исповедаш, дека Исус е Господ и ако во твоето срце поверуваш, дека Бог Го воскреснал од мртвите, ќе бидеш спасен. Зашто со срцето се верува за праведност, а со устата се исповедува за спасение, зашто Писмото вели: „Секој, кој верува во Него, нема да се засрами.“ Но нема разлика меѓу Јудеец и Грк; зашто еден и ист е Господ на сите; богат за сите, кои Го повикуваат, зашто: „Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.“ Но, како ќе Го повикаат Оној, во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И како ќе проповедаат, ако не се испратени, како што е напишано: „Колку се прекрасни нозете на оние, што проповедаат мир, кои го навестуваат доброто!“ Но сите не го послушаа Евангелието, зашто Исаија вели: „Господи, кој ѝ поверувал на нашата проповед?“ И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово. Но велам: „Зар тие не слушнаа?“ Напротив: „Гласот им излезе по целата земја, и нивните зборови до крајот на светот.“ Пак прашувам: „Зар Израел не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе предизвикам ревност во вас - преку оние, што не се народ и ќе разбудам во вас гнев, против еден неразумен народ.“ А Исаија пак се осмелува да рече: „Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, и им се јавив на оние, кои не прашуваа за Мене.“ А за Израел говори: „Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непослушен и противречлив.“