Римјаните 10:13-21
Римјаните 10:13-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Секој што ќе Му се обрати на Господ, ќе биде спасен.“ Но како ќе Му се обраќаат на Господ, ако не веруваат во Него? А како ќе поверуваат, ако не чуле за Него? Како ќе чујат, ако некој не им проповеда? А како може некој да проповеда, ако не е испратен од Господ? Затоа во Светото Писмо пишува: „Благословени се стапалата на луѓето што ја разгласуваат Радосната вест!“ Но сите не ја прифатија Радосната вест. Пророкот Исаија вели: „Господе, има ли некој што верува во пораката што ја проповедаме?“ Сепак, верата доаѓа преку слушање, и тоа преку слушање на Радосната вест за Христос. Но зарем Израелците не чуле? Се разбира дека чуле: „Гласот на Божјите созданија низ целата Земја се ори до крајот на светот зборот им се гласи.“ Пак ќе речам, зар на Израелците не им е јасно? Уште преку Мојсеј Бог им порача: „Ќе предизвикам љубомора кај вас, благословувајќи други народи што сега не се Мој народ, ќе се лутите кога ќе ги благословам неупатените народи!“ Пророкот Исаија храбро им кажа од името на Бог: „Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се објавив на оние што не прашуваа за Мене.“ А за Израелците, Бог вели: „По цел ден ги ширев рацете кон вас, непослушен и инаетлив народе!“
Римјаните 10:13-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Бидејќи секој кој ќе го повика името Господово, ќе биде спасен. Но како да Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Како, пак, да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А како да слушнат, ако нема кој да проповеда? И како да проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: „Колку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто.“ Но Евангелието сите не го послушаа. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во она што го проповедавме?“ Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово. Но велам: зар тие не слушнаа? Напротив. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиштата на вселената.“ Пак велам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве разгневам.“ А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене.“ За Израел, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и бунтовен.“
Римјаните 10:13-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
зашто: „Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.“ Но, како ќе Го повикаат Оној, во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И како ќе проповедаат, ако не се испратени, како што е напишано: „Колку се прекрасни нозете на оние, што проповедаат мир, кои го навестуваат доброто!“ Но сите не го послушаа Евангелието, зашто Исаија вели: „Господи, кој ѝ поверувал на нашата проповед?“ И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово. Но велам: „Зар тие не слушнаа?“ Напротив: „Гласот им излезе по целата земја, и нивните зборови до крајот на светот.“ Пак прашувам: „Зар Израел не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе предизвикам ревност во вас - преку оние, што не се народ и ќе разбудам во вас гнев, против еден неразумен народ.“ А Исаија пак се осмелува да рече: „Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, и им се јавив на оние, кои не прашуваа за Мене.“ А за Израел говори: „Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непослушен и противречлив.“