Откровение 22:1-6
Откровение 22:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа ангелот ми ја покажа животодавната река, која беше блескаво-бистра како кристал. Таа извираше од престолот на Бог и на Јагнето и го продолжуваше својот тек по централната улица во градот. На обете страни од реката, по должината на целиот нејзин тек, има насадено дрвја кои раѓаат плодови секој месец - дванаесет пати во годината. Плодовите се животодавни, а лисјата од дрвјата служат за исцелување на народите. Таму нема веќе да има проколнување. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот. Божјите луѓе ќе Му се поклонуваат на Бог, и ќе Го гледаат Божјото лице, а Неговото име ќе им биде напишано на челата. Таму ноќ ќе нема, а на тамошните жители нема да им треба ни светилка, ни Сонце. Самиот Господ Бог ќе им биде Светлина и тие ќе царуваат во вечни векови. Потоа ангелот ми рече: „Ова што ти го кажувам е вистина и ќе се оствари. Господ Бог, Кој на Своите пророци им открива што ќе се случи во иднината, испрати Свој ангел за да им објави на Своите следбеници што ќе се случи во скорашно време.“
Откровение 22:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето. Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат и ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни. И ноќ нема да има таму, и не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царува во вечни векови. И ми рече: „Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги што ќе стане наскоро.
Откровение 22:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекува од престолот на Бога и на Јагнето. Среде нејзината улица и од двете страни на реката: дрвото на животот, кое раѓа дванаесет плодови, кое секој месец го дава својот плод; а лисјата на дрвото се за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво проклетство. И престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во неа, и Неговите слуги ќе Му служат, и ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела. Ноќ нема да има веќе и не ќе им биде потребна светлина од светилка, ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе владеат во веки веков. И ми рече: „Зборовиве се верни и вистинити, и Господ Бог на пророчките духови го испрати Својот ангел, за да им покаже на Своите слуги што има да стане скоро.