Откровение 22:1-21
Откровение 22:1-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа ангелот ми ја покажа животодавната река, која беше блескаво-бистра како кристал. Таа извираше од престолот на Бог и на Јагнето и го продолжуваше својот тек по централната улица во градот. На обете страни од реката, по должината на целиот нејзин тек, има насадено дрвја кои раѓаат плодови секој месец - дванаесет пати во годината. Плодовите се животодавни, а лисјата од дрвјата служат за исцелување на народите. Таму нема веќе да има проколнување. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот. Божјите луѓе ќе Му се поклонуваат на Бог, и ќе Го гледаат Божјото лице, а Неговото име ќе им биде напишано на челата. Таму ноќ ќе нема, а на тамошните жители нема да им треба ни светилка, ни Сонце. Самиот Господ Бог ќе им биде Светлина и тие ќе царуваат во вечни векови. Потоа ангелот ми рече: „Ова што ти го кажувам е вистина и ќе се оствари. Господ Бог, Кој на Своите пророци им открива што ќе се случи во иднината, испрати Свој ангел за да им објави на Своите следбеници што ќе се случи во скорашно време.“ Исус порачува: „Очекувајте Ме, зашто брзо ќе се вратам! Благословен ќе биде секој што се придржува до напишаното во оваа пророчка книга!“ Јас, Јован, го чув и го видов сето ова. Откако го ислушав и видов сето ова паднав ничкум пред нозете на ангелот што ми го беше покажал сето ова, со намера да му се поклонам. Но тој ми рече: „Немој, не прави го тоа! И јас сум само Божји служител, како и ти, како што се и пророците и сите други што им се послушни на зборовите запишани во оваа книга. На Бог поклони Му се!“ Уште ми рече: „Не запечатувај ги пророштвата запишани во оваа книга, зашто овие работи наскоро ќе се остварат. Злите луѓе ќе продолжат да вршат зло, испоганетите умови ќе продолжат да се поганат. Но, праведните луѓе ќе продолжат да живеат праведно, Божјите луѓе секогаш ќе бидат свети.“ Потоа Исус ми рече: „Очекувајте Ме, зашто наскоро ќе се вратам! Тогаш ќе го наградам секого според делата. Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Зачетникот и Завршителот. Благословени ќе бидат оние што ,своите облеки си ги перат‘; тие ќе добијат право да јадат од плодовите на Дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор од градот ќе останат ,кучињата‘, вражачите, блудниците, убијците, обожавателите на идоли и сите што ја сакаат лагата и што лажат. Јас, Исус, испратив Свој ангел по црквите за да ве извести за ова. Јас Сум Потомок од коренот на Давид, Јас Сум сјајната Ѕвезда Деница!“ Духот и Невестата велат: „Дојди!“ И секој што ќе го слуша ова, треба да рече: „Дојди!“ И секој што е жеден нека дојде и секој што сака нека повели и нека земе од бесплатната животодавна вода. А испраќам и предупредување до секој што ќе ги чуе пророштвата запишани во оваа книга: Никој ништо да не додава кон ова, зашто на таквиот Бог ќе му ги додаде сите казни опишани во оваа книга! А ако некој одземе нешто од пророчките објави во оваа книга Бог ќе му го одземе правото на пристап до Дрвото на животот и до Светиот град, опишани во оваа книга. Оној што гарантира за вистинитоста на сето ова ни порачува: „Наскоро ќе се вратам!“ Амин! Дојди, Господе Исусе! Господ Исус нека биде милостиво благонаклонет спрема сите вас.
Откровение 22:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето. Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат и ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни. И ноќ нема да има таму, и не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царува во вечни векови. И ми рече: „Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги што ќе стане наскоро. ‚Еве, доаѓам скоро; блажен е оној кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!‘“ И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова. Но тој ми рече: „Стој, немој, зашто и јас сум слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!“ И ми рече: „Не запечатувај ги пророчките зборови на оваа книга, бидејќи времето е блиску! Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови. Јас сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Крајот! Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој што сака да лаже и лаже. Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница.“ И Духот и невестата велат: „Дојди!“ И кој ќе чуе, нека каже: „Дојди!“ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум. И Јас му сведочам на секого кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне казни опишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му го одземе делот од книгата на животот, и од светиот град, и од она што е напишано во оваа книга. Зборува оној што го сведочи ова: „Да, ќе дојдам скоро!“ – Амин! „Да, дојди, Господи Исусе!“ Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!
Откровение 22:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекува од престолот на Бога и на Јагнето. Среде нејзината улица и од двете страни на реката: дрвото на животот, кое раѓа дванаесет плодови, кое секој месец го дава својот плод; а лисјата на дрвото се за исцелување на народите. И нема веќе да има никакво проклетство. И престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во неа, и Неговите слуги ќе Му служат, и ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела. Ноќ нема да има веќе и не ќе им биде потребна светлина од светилка, ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе владеат во веки веков. И ми рече: „Зборовиве се верни и вистинити, и Господ Бог на пророчките духови го испрати Својот ангел, за да им покаже на Своите слуги што има да стане скоро. И, ете, доаѓам скоро. Блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга! И јас, Јован, сум тој кој го чу и го виде ова, и кога чув и видов, паднав да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова. И ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој, и на твоите браќа, и на пророците, и на сите оние, кои ги пазат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!“ И ми рече: “Не запечатувај ги пророчките зборови на книгава, зашто времето е близу! Кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е нечист, нека се онечистува уште; и кој е праведен нека врши уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште!“ Јас Сум Алфа и Омега, И ете, доаѓам скоро, и наградата Моја е со Мене, за да му дадам секому според неговото дело! Првиот и Последниот, Почетокот и Свршетокот. Блажени се оние, кои ги перат своите облеки, за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите! Надвор се кучињата и вражалците, и блудниците и убијците, и идолопоклониците и секој, кој ја сака лагата и лаже.“ “Јас, Исус, го испратив Својот ангел, да ви го посведочи ова на црквите. Јас Сум корен и род Давидов; сјајната ѕвезда Деница!“ Духот и невестата велат: „Дојди!“ И кој слуша нека рече: „Дојди!“ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот! Јас му сведочам секому, кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој им додаде нешто, Бог ќе му додаде од злата опишани во оваа книга. А ако некој одземе нешто од зборовите на книгата на оваа пророштво, Бог ќе му го одземе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, кои се опишани во оваа книга. Оној, Кој го сведочи ова, говори: „Да, доаѓам скоро!“ - Амин! Да дојди! Господи Исусе! Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!