Откровение 20:1-15
Откровение 20:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа видов еден ангел како слегува од небото; во рацете го носеше клучот од Бездната и една голема верига. Тој го фати Змејот - старата Змија, познат и како Ѓавол и Сатана - и го окова во верига за период од илјада години. Потоа го фрли во Бездната. Таму го затвори и го заклучи, за да не ги заведува народите во период од илјада години. Потоа тој ќе биде пуштен, но само за кратко време. Потоа видов престоли; луѓето што седеа на нив, беа овластени да судат. Ги забележав и душите на погубените поради вера во Исус и проповедање на Божјото Слово и на сите оние што не му се поклонија на Ѕверот, ни на неговата икона и не го примија неговиот белег на челото или на раката. Видов како тие воскреснаа и царуваа со Христос илјада години. (Другите умрени нема да воскреснат додека не поминат илјада години.) Благословени и свети се оние што ќе бидат учесници во првото воскресение! Втората смрт ќе нема власт над нив; тие ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Нив илјада години. Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната. Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови. Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија. Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови. Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него. Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт. Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.
Откровение 20:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време. И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на рацете свои и оживеаја и царуваа со Христос илјада години. Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение. Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години. А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта. А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови. И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро.
Откровение 20:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И видов ангел, како слегува од небото, кој имаше во својата рака: клуч од Бездната и голема верига. Тој го фати змевот, старата змија која е ѓаволот и сатаната, и го врза за илјада години, и го фрли во Бездната и го заклучи, ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за малку време. И видов престоли; и на оние, кои седеа на нив, им беше дадено да судат; и душите, чии глави беа исечени заради сведоштвото за Исуса и за Божјото слово, кои не му се поклонија на Ѕверот ни на неговиот лик, и кои не ја примија ознаката на своето чело и на својата рака; тие оживеаја и царуваа со Христа илјада години. А другите мртовци не оживеаја, додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение. Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над овие втората смрт нема власт, туку ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Него илјада години. А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок. И излегоа на земната ширина, и го опкружија логорот на светите и возљубениот град; и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта. А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро, каде се и Ѕверот и лажниот пророк; и ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков. И видов голем бел престол, и Оној, Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори - Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. И морето ги предаде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела. И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.