Откровение 17:1-10
Откровение 17:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа еден од седумте ангели што ги истурија седумте садови дојде кај мене и ми рече: „Дојди да ти покажам како Бог ќе и пресуди на бесрамната блудница - таа што седи над многу води. Со неа блудничеа сите земни владетели; таа ги опи жителите на Земјата со своите бесрамни постапки, како со опојно вино.“ Ангелот ме пренесе со духот во пустината; таму видов една жена качена на црвен Ѕвер. Ѕверот беше полн со богохулни натписи и имаше седум глави и десет рогови. Жената беше облечена во пурпурно-црвени облеки и носеше накит од злато, скапоцени камења и бисери. Во раката таа држеше златна чаша полна со гнасните и валкани дела на нејзиниот неморал. На челото и беше напишан натпис што има таинствено значење и гласи: „Јас сум величествениот Вавилон, мајка на блудниците и гнасотиите на Земјата“ Забележав дека жената беше пијана од крвта на Божјите луѓе и од крвта на Исусовите следбеници. Оваа глетка многу ме изненади и ме зачуди. Затоа ангелот ми рече: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја објаснам тајната за оваа жена и за Ѕверот со седум глави и со десет рогови што ја носи: Ѕверот што го виде, порано постоеше, а сега го нема. Тој од Бездната ќе излезе уште еднаш, но само за да заврши во пропаст. Сите жители на Земјата чии имиња не се запишани во Книгата на животот уште пред создавањето на светот, ќе се зачудат кога ќе го видат Ѕверот кој постоеше, а сега го нема, како се појавува уште еднаш. За ова е потребна мудрост и проникливост! Седумте глави на кои седи жената, се седум ридови. Истовремено, седумте глави претставуваат седум владетели. Пет од нив веќе паднаа, шес-тиот владее сега, а седмиот допрва треба да дојде. Кога ќе дојде тој, ќе владее само кратко време.
Откровение 17:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи над многу води; со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!“ И ме одведе со духот во пустина: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со драгоцени камења и бисери. Во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото ѝ беше напишано името: „Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“ И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и со крвта на сведоците Исусови; и се зачудив многу кога ја видов. И ми рече ангелот: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на оваа жена, и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови. Ѕверот, што го виде ти, беше и го нема; тој ќе излезе од бездната и ќе загине; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се почудат, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако постои. Овде е потребен ум што има мудрост. Седумте глави, тоа се седумте гори врз кои седи жената; а седумте цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане.
Откровение 17:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте чаши, проговори со мене и рече: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која седи на многу води, со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се напија од виното на нејзиното блудствување.“ И ме одведе, во духот, во пустината: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато и со скапоцени камења и со бисери, држејќи во својата рака златна чаша, полна со гнасотија и нечистота од нејзиното блудство, на челото пак ѝ беше напишано име - тајна: големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии. И ја видов жената како се опива со крвта на светите и со крвта на Исусовите сведоци. И се зачудив многу кога ја видов. И ангелот ми рече: „Зошто се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на женава и на ѕверот, кој ја носи и има седум глави и десет рогови. Ѕверот, што го виде, беше и го нема, и ќе излезе од Бездната за да отиде во пропаст. И ќе се зачудат земните жители чие име не е запишано, од создавањето на светот, во Книгата на Животот, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако тој е. Тука е умот, што има мудрост! Седумте глави - тоа се седумте гори, врз кои седи жената. Тоа се и седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот е, а другиот уште не дошол, а кога ќе дојде, треба да остане малку.