Псалми 74:1-17
Псалми 74:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зошто, Боже, нѐ отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште? Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезолот како наследство Твое, и на гората Сионска, на која Ти се насели! Зачекори кон вечните урнатини, непријателот уништи сѐ во светилиштето Твое. Твоите непријатели викаа во Твоето Собрание, поставија свои знаци таму. Мафтаа и кршеа со секири кај горниот влез, со секира и дрвен чекан ги искршија дрвените резби; го запалија со оган Твоето светилиште, го осквернија местото, на кое името Твое престојува, до земја го разурнаа. Рекоа во срцата свои: „Ајде докрај да ги истребиме!“ И ги изгореа сите Божји светилишта во земјата. Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и никој од нас не знае, до кога? До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го презира името Твое? Зошто ја повлекуваш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја криеш? Но Бог, Царот мој е уште од пред вековите, Тој приготвува спасение среде Земјата! Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила. Ти му ја здроби главата на Левијатанот и им ја даде како храна на пустинските животни. Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките непресушни. Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти ги постави светилата и сонцето; Ти ги создаде сите граници на Земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
Псалми 74:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Боже зошто нѐ отфрли засекогаш, зошто врие Твојот гнев против овците на Твоето пасиште? Спомни си за собранието што го придоби одамна, племињата што ги искупи како Свое наследство, и Сионските Планини, каде што си Се населил. Зачекори кон вечните урнатини; непријателот разори сѐ во Светилиштето. Твоите противници викаа на средина на Твоето собрание, своите знаци ги поставија како знаци на победата. Беа како оние што мавтаат со секира по густи шуми. И сега со секира и чекан ги кршеа резбите. Го предадоа на оган Твоето Светилиште, го онечистија до земја Живеалиштето на Твоето име. Рекоа во своето срце: „Ги истребивме заедно; изгорете ги сите Божји светилишта на земјата!“ Не ги гледавме своите знаци, нема веќе пророци, и никој меѓу нас не знае до кога… О Боже, уште до кога непријателот ќе се потсмева? Дали непријателот ќе го презира Твоето име довека? Зошто ја повлекуваш раката и зошто ја криеш во крило Својата десница? Оттргни ја од своето крило, погуби ги! Но, Бог е мој Цар од древноста, Тој, Кој спасува среде земјата! Ти, со Својата сила, го расече морето, ги смачка главите на морските чудовишта, во водите. Ти му ги скрши главите на Левијатана! Го даде за храна на народите пустински. Ти овозможи да потечат извор и буица, Ти ги пресуши непресушливите реки. Денот е Твој и ноќта е Твоја, Ти ги зацврсти месечината и сонцето; Ти ги создаде сите граници на земјата, Ти ги создаде летото и зимата.