Псалми 73:1-9
Псалми 73:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Колку е добар Бог кон Израел, кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, – зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците, зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри. Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат. Затоа горделивоста им е како веришка околу вратот, а насилството им е облека. Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија. Се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство. Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата.
Псалми 73:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Бог е навистина добар кон Израел, кон оние што имаат чисто срце! А мене, за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите, Зашто им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците. Никакво страдање не носат, нивното тело е дебело. Не живеат во маките на смртниците, не ги удираат човечките неволји. Затоа гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива. Од здебеленоста им испакнуваат очите, таа се прелева во срцето. Тие се потсмевнуваат и зборуваат злобно, со насилства се закануваат одозгора. Со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата.