Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 7:1-17

Псалми 7:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господи, Боже мој, кај Тебе се за­солнувам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме; зашто тие како лавови ќе ме зграбат, ќе ме влечат, а ќе нема кој да спасува. Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои; ако зло им вратив на пријателите мои, или без причина сум ги ограбил непријателите, нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, душата во прав нека ми ја претвори. Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите мои; стани, Господи, Ти Си одредил суд. Нека се собере народен собир околу Тебе; и Ти издигни се над него високо. Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според невиноста моја. Стави ѝ крај на злобата на нечес­тивите, а праведниот зацврсти го, Ти, кој ги испитуваш срцата и бубрезите, праведен Боже. Бог ми е штит, Тој ги спасува оние што се со чисти срца. Бог е праведен судија, и секојдневно предупредува. Ако не се покаете, Тој ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне Својот лак и ќе го насочи, и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува. И, ете, кај безбожникот сѐ повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззаконие, па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи, и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и насилството негово слезе. Го прославувам Господа поради правдата Негова и Му пеам на името на Господ, Севишниот.

Псалми 7:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господи, Боже мој! Се надевам во Тебе спаси ме од сите мои гонители и избави ме; да не ми ја истргаат душата како лав, што раскинува, без да се најде избавител. Господи, Боже мој! Ако јас го направив тоа, ако има неправда во моите раце, ако му вратив со зло на оној, што беше во мир со мене; или го ограбив оној, кој ме гони без причина; тогаш нека непријателот ја подгони мојата душа и нека ја стигне; и нека го згази животот мој на земјата, и ја повали мојата чест во прашина. Стани, Господи, во Својот гнев; крени се против јароста на моите противници, и разбуди се заради мене, Ти, Кој го одреди судот. И нека собраните народи Те опкружат; врати се на високо, над нив. Господ им суди на народите! Суди ми и мене, Господи, според мојата правда, и според мојата чесност во мене. Нека прекрати беззаконието на нечесните, помогни му на праведникот. Ти, праведен Боже, Кој ги испитуваш срцата и внатрешноста. Мојата заштита е во Бога, Кој ги избавува оние, што се прави во срцето. Бог е праведен Судија, и Бог, Кој се гневи секојдневно на безбожниците. Ако не се обрати, Тој ќе го наостри Својот меч, ќе го оптегне и ќе го приготви Својот лак. Тој приготвил против нив смртоносни оружја, ги прави огнени Своите стрели. Ете, злотворот зачна неправда, заноси нечесност и роди измама. Ископа ров и го продлабочи; и падна во јамата, што ја ископа. Неговата нечесност ќе се врати врз неговата глава и неговото насилство ќе падне на неговото теме. А јас ќе Го фалам Господа заради Неговата правда и ќе му пеам на Името на Сѐвишниот Господ.