Псалми 44:1-26
Псалми 44:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни. Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си уништил народи, а нив си ги раширил; бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја. Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јаков. Со Тебе, ги потиснавме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што стануваат против нас; зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси; туку Ти нѐ спаси од непријателите наши и ги посрами оние што нѐ мразат. Со Бога се фалевме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме. Но сега Ти нѐ отфрли и нѐ посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски; нѐ сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нѐ мразат, нѐ ограбуваа. Нѐ предаде како овци на клање и нѐ растури меѓу незнабошците. Евтино го продаде народот Свој, не бараше висока цена за нив; нѐ предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас; нѐ направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата. Секој ден срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое, од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, пред очите на непријателите и одмаздниците. Сето тоа нѐ снајде нас, но ние не Те заборавивме Тебе и не го нарушивме Заветот Твој. И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат, кога нѐ порази во местото, каде што живеат чакали и нѐ покри со смртна сенка. Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог, зар Бог тогаш немаше да дознае за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцата. Заради Тебе нѐ убиваат секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање. Разбуди се, зошто спиеш, Господи!? Разбуди се, и не отфрлај нѐ засекогаш! Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша? Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепи за земјата, стани, Господи, и помогни ни, избави нѐ поради љубовта Твоја.
Псалми 44:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Боже, со своите уши слушавме, нашите татковци ни раскажуваа, за делото што го направи во нивните дни, во стари времиња. Со Својата рака ги протера многубошците, а нив ги посади, ги откорна народите, а нив ги рашири. Со нивниот меч тие не ја зазедоа земјата, ниту нивната мишка им донесе победа, туку Твојата десница и Твојата мишка, и светлоста на Твоето лице, зашто ги љубеше. Ти, о мој Царе и Боже мој, Ти му даде победа на Јакова. Преку Тебе ги одбивме нашите непријатели, во Твоето име ги згазивме оние, што се кренаа против нас. Не се надевав на својот лак, ниту мојот меч ме спасуваше. Туку, Ти, Ти нѐ избави од непријателите, Ти ги засрами оние што нѐ мразат. Се фалевме со Бога во секое доба и Твоето име го славевме секогаш. А сега нѐ отфрли и нѐ засрами, и повеќе не излегуваш, Боже со нашите чети. Ти остави да се повлечеме пред непријателите, и нѐ ограбија нашите мразители. Нѐ даде како овци за колење, и нѐ растури меѓу народите. Го продаде Својот народ за ништо, и не се збогати со продажбата. Нѐ направи за срам меѓу нашите соседи, смеа и играчка за оние околу нас. Засрамени сме меѓу народите, народите кимнуваат со главата над нас. Мојата срамота секогаш ми е пред очите, и срамот ми го покрива лицето. Заради навредливата врева на подбивачите, заради осветољубивите непријатели. Сѐ тоа нѐ снајде иако не Те заборавивме, ниту го изневеривме Твојот Завет, ниту нашето срце се одметна од Тебе, ниту нашата нога се отстрани од Твојот пат, кога нѐ раздроби во престојувалиштето на шакалите и нѐ завитка со смртен мрак. Ако го заборавиме името на нашиот Бог, ако ги кренавме рацете кон туѓ бог, зар Бог не би научил за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцето! Но заради Тебе нѐ убиваат ден по ден, и ние сме им како овци за колење. Разбуди се! Зошто спиеш Господи? Стани! Не отфрлај нѐ довека! Зошто го криеш Своето лице, ги забораваш нашата беда и неволја? Зашто нашата душа се распадна во прав, утробата ни се долепи до земјата. Стани, помогни ни, избави нѐ заради Твојата љубов.