Псалми 144:1-15
Псалми 144:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Нека е благословен Господ, Карпата моја, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна. Тој е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој – и јас на Него се надевам. Тој ми го потчинува мојот народ мене. Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки – та да се сеќаваш на него? Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка. Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат; болсни со молњи и растерај ги, пушти ги стрелите Свои и распрсни ги; подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови, чии усти кажуваат лага и чија десница е десница на неправдата. Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици. Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давид од остар меч. Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата. Дај синовите наши да се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки – накитени и украсени како столбови во храмот. Да ни бидат полни житниците наши, во изобилие со секаква храна; да се плодат овците наши по пасиштата свои. И воловите да ни се угоени, да нема паѓање на оградите, ни ропство, ниту офкање по улиците наши. Блажен е оној народ, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!
Псалми 144:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Благословен да биде Господ, мојата карпа, Кој ми ги учи рацете за бој, а прстите за војна. Тој е моја љубов и моја тврдина, моја заштита, мој Избавител, мој штит зад кој се засолнувам; Тој ги покорува народите под моите нозе! О Господи, што е човекот, за да обрнеш внимание кон него? Што е човечкото чедо, за да си спомнуваш за него? Човекот е сличен на здивот, неговите денови исчезнуваат како сенка. Господи, наведни ги Твоите небеса и слези, допри се до планините: и ќе се зачадат! Светни со секавицата и распрсни ги, оптегни ги стрелите и збуни ги! Испружи ја раката од висините, истргај ме и спаси ме од бескрајните води, од рацете на туѓите синови: нивната уста зборува суета, а десницата им е десница на неправда. Ќе Ти пеам, Боже, нова песна, ќе ти свирам псалтир со десет жици. Ти им даваш победа на царевите, Ти, Кој го спаси Својот слуга Давид од лош меч! Ослободи ме и избави од туѓински раце: нивната уста зборува лаги, а десницата им е десница на неправда. Дај ни: нашите синови да бидат како билки, што растат од својата младост; а нашите ќерки како крајаголни столбови; убави како храмовите столбови. Нашите житници да бидат полни, со секакви плодови во изобилство; нашите овци да се плодат со илјади, десетици илјади, да се плодат бескрајно по нашите полиња. Нашиот добиток да биде згоен! Да нема пробој ни ропство, ни плач по нашите улици. Блажен е оној народ, кој го има тоа; блажен е оној народ, кому Господ е Бог!