Псалми 140:6-13
Псалми 140:6-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас Му реков на Господ: Ти си Бог мој: слушни го, Господи, гласот на моето молење. Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја, не давај, Господи, да му се исполни желбата на нечестивиот; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат. Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија; нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста. Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во јама, па да не станат. Клеветникот нема да се одржи на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел. Знам дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите. Да, праведниците ќе го исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.
Псалми 140:6-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Извикав кон Господа: „Ти си мој Бог! послушај го, о Господи, викот на моите молитви! Господи, мој Господи, мој силен Спасителе, засолни ми ја главата во денот на бој!“ Не оставај да се исполни желбата на злотворот, не оставај тој да ги изврши своите намери, за да не се издигне! Нека не подигнат глава оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивните усни! Нека паѓаат врз нив распалени јаглења, нека паднат во јами, за да не станат повеќе! Клеветникот не ќе се одржи на земјата, несреќата ќе го грабне одненадеж насилникот. Знам дека Господ ќе му даде право на бедниот и правда на сиромашниот. Навистина, праведните ќе го слават Твоето име, непорочните ќе престојуваат пред Твоето лице.