Псалми 139:11-16
Псалми 139:11-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина. Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден.
Псалми 139:11-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ако речам: „Нека ме скријат темнините, но дури и ноќта ќе биде како светло околу мене!“ Ни темнината за Тебе не ќе биде темна: ноќта свети како ден и темнината е како светлина. Зашто Ти ги создаде моите бубрези, ме истка во мајчиното крило. Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае. Моите коски не Ти беа скриени додека се создавав во тајност, ткаени во длабочината на земјата. Твоите очи го видоа мојот зародишок, веќе сѐ беше запишано во Твојата книга; деновите ми беа одредени, уште додека не беше ниеден.