Псалми 135:1-21
Псалми 135:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Алилуја! Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови, вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог. Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте Му на името Негово, зашто тоа е мило; зашто Господ го избра Јаков за Себе, Израел за Свој сопствен посед. Бидејќи знам дека Господ е велик и дека нашиот Господ е над сите богови: Господ прави сѐ што ќе посака, на небото и на Земјата, во морињата и во сите бездни; доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Тој, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни, Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток, покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на фараонот и врз сите слуги негови, порази многу народи и истреби силни цареви: Сихон, царот аморејски, и Ог, царот башански, и сите цареви ханански; и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ Израел. Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род. Зашто Господ ќе го штити Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои. Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на раце човечки; имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат ниту, пак, во устата нивна има здив. Слични на нив ќе бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева. Доме Израелов, благословувај Го Господа! Доме Аронов, благословувај Го Господа! Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господ, благословувајте Го Господа! Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим!
Псалми 135:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Алилуја! Фалете Го Господовото име, фалете Го, Господови слуги, Кои престојувате во Господовиот дом, во дворовите на Домот на нашиот Бог! Фалете Го Господа, зашто Господ е благ, пејте Му на Неговото Име, зашто тоа е мило. Зашто Господ го избра Јакова за Себеси, Израел за драга сопственост. Знам дека Господ е Велик, дека е Господар над сите богови. Што и да Му се допадне на Господа, тоа го прави на небото и на земјата, во морето и во бездните. Облаци крева од крајот на земјата, му создава молњи на дождот, го вади ветрот од неговите засолништа. Тој ги погуби првородените во Египет, луѓето и добитокот еднакво. Тој испрати знаци и чудеса сред тебе, Египете, против фараонот и сите негови слуги. Тој погуби многу народи и погуби моќни цареви: аморејскиот цар Сихон, и васанскиот цар Ог, и сите ханаански царства. И му ја даде нивната земја во наследство, во наследство на Израел, на Својот народ. Твоето име, о Господи, останува довека, и споменот за Тебе, о Господи, од род до род. Затоа Господ ќе го суди Својот народ, Тој им е милостив на Своите слуги. Незнабожечките идоли, се сребро и злато, тие се дело на човечки раце: имаат уста, а не зборуваат; имаат очи, а не гледаат, имаат уши, а не слушаат; и нема здив во нивните усти. Такви се и оние што се надеваат на нив. Израелев Доме, благословувај Го Господа! Аронов Доме, благословувај Го Господа! Левиев Доме, благословувај Го Господа! Кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа! Благословен да биде Господ од Сион, кој живее во Ерусалим. Алилуја!