Псалми 102:14-28
Псалми 102:14-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат. Незнабошците ќе се заплашат од името на Господ, а сите земни цареви – од Твојата слава. Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја; ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молбите нивни. Нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа, зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата, за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи осудените на смрт, за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим, кога ќе се соберат народите и царствата заедно да Му служат на Господ. Тој ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ги скрати дните мои. Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои! Твоите години се од род во род. Во почетокот Ти, Господи, ја основа Земјата, небесата се дело на Твоите раце; тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие – како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ги менуваш и тие исчезнуваат. Но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат. Синовите на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек.
Псалми 102:14-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто мили им се неговите камења на твоите слуги, ги жалат неговите урнатини. Тогаш, Господи, многубошците ќе се бојат од Твоето име, и сите цареви на земјата од Твојата слава. Кога Господ пак ќе го изгради Сион, кога ќе се покаже во Својата слава, кога ќе погледне кон молитвите на лишените, и не ја презре нивната молитва. Нека се запише ова за идното поколение, и луѓето што ќе бидат создадени, ќе Го фалат Господа. Зашто Бог гледа од Своето возвишено светилиште, гледа од небесата кон земјата, за да ги чуе воздишките на затворените, за да ги ослободи осудените на смрт, за да се навести Господовото име на Сион, и Неговата фала во Ерусалим, кога ќе се соберат народите и царствата, за да Му служат на Господа. Патем ги истроши моите сили, ми ги скрати деновите. Реков: „Мој Боже, не ме земај во средина на моите дни! Твоите години остануваат низ сите поколенија. Во почетокот ја основа земјата и небото е дело на Твоите раце. Тие ќе исчезнат, а Ти ќе останеш, сѐ ќе остарее како облеката. Ги менуваш како облеките, и ги снемува. Ти си секогаш ист - нема крај на Твоите години. Децата на Твоите слуги ќе живеат во мир, и нивното потомство ќе трае пред Тебе.“