Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 9:1-18

Изреки 9:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Мудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: „Кој е неразумен, да наврати ту­ка!“ И на малоумните таа им рече: „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила; оставете ја неразумноста, и ќе жи­веете; одете по патот на разумот.“ Кој поучува бесрамник, ќе си спе­чали укор, и кој го разобличува нечес­тивецот – срам. Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака. Дај му совет на мудриот, и тој ќе би­де уште помудар; научи го праведниот, и тој ќе го збогати своето знаење. Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Све­тиот е разум; зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот. Ако си мудар, мудар си за себеси; и ако си лош, самиот ќе страдаш. Жена без расудување е зборлива, безумна и ништо не разбира, седнува пред куќната врата на стол, по високите места на градот, за да им вели на минувачите, што си одат право по патот: „Кој е глупав, нека наврати тука“, а на малоумните им вели: „Крадената вода е слатка, и сокрие­ниот леб е – пријатен.“ И тој не знае дека таму се мртов­ците, и дека поканетите од неа се на дното од пеколот.

Изреки 9:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мудроста си изгради дом и изделка седум столбови. Ги искла своите животни, го измеша своето вино и го сложи својот стол. Ги испрати своите слугинки да објават од градските височини: „Кој е глупав, нека наврати ваму!“ А на неразумните им говори: „Дојдете, јадете од мојот леб и пијте вино, што го измешав; оставете ја лудоста, за да живеете, и одете по патот на разумот. Кој поучува подбивач, добива срам, и кој кори нечесен, се валка себе си. Не изобличувај го потсмевачот, за да не те замрази, кори го мудриот за да те засака. Поучи го мудриот, и ќе биде уште помудар; упати го праведниот, и ќе се зголеми неговото знаење. Стравот од Господа е почеток на мудроста и познавањето на Светиот е разум. Преку Мене ти се умножуваат деновите и ти се множат годините на животот. Ако си мудар, за себе си мудар; ако бидеш потсмевач, самиот ќе поднесуваш.“ Безумната жена е немирна, проста е и не знае ништо. Седи при вратата на својата куќа на столица, во градските височини, па ги повикува оние, кои поминуваат по патот, кои одат право по своите патеки: „Кој е неискусен, нека наврати ваму!“ и на неразумниот му говори: „Крадената вода е слатка, и пријатно е да се јаде леб скришно.“ А тој не знае дека мртвите се таму, дека нејзините гости се во длабочините на пеколот.