Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 30:18-33

Изреки 30:18-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Три работи се недостижни за мене, и четири што не ги разбирам: патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, пате­ките на бродот среде море и патот на маж кон девица. Таков е патот и на жена прељубница: се најала и ја избришала устата сво­ја, па вели: „ништо лошо не сум напра­вила.“ Од три работи се тресе земјата, и четири кои не може да ги поднесе: слуга, кога ќе стане цар; безумен, кога до наситување ќе се најаде со хра­на, развратна жена, кога ќе се омажи, и слугинка, кога го зазема местото на гос­подарката своја. Има четири мали животни на земјата, но тие се помудри и од муд­реците: мравките – во кои нема сила, но лете сепак си ја приготвуваат храната; јазовците – иако слаби животни, но ги прават куќите свои во камен; скакулците, кои немаат цар, но излегуваат во војна сите во редови; пајакот, кој со раце се лови, но се наоѓа и во царските палати. Еве три, кои убаво чекорат, и чети­ри, кои свечено настапуваат: лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој нема да се врати и да се исплаши од никого; грациозна газела или козел, и цар на чело на својата војска. Ако гордоста те тера на безумни дела и си намислил зло, стави ја раката на устата своја. Зашто, како што кога се бие млеко, се добива масло, и кога ќе се удри носот, потечува крв, така и кога се предизвикува гнев, произлегува кавга.

Изреки 30:18-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Три нешта ми се чудни, а четвртото не го разбирам: орловиот пат по небото, змииниот пат по стената, патот на бродот среде морето, и патот на мажот кон девојката. Таков е патот на прељубницата: ќе се најаде, ќе ја избрише устата и вели: „Не згрешив.„ Од три нешта се тресе земјата, а четвртото не може да го трпи: од роб кога ќе стане цар, и кога простиот ќе се насити леб; од разведена жена кога ќе се мажи, и од слугинката, која ќе ја истисне својата господарка. Четири нешта се мали на земјата, но се помудри од мудрите: мравките, нејаки суштества, што лете ја приготвуваат храната за себе; јазовците, суштества без сила; што во стена си изградуваат куќа; скакулците, кои немаат цар, а сите одат по дружини; гуштер, што се фаќа со рака, а проникнува во царските дворци. Три нешта имаат убав чекор, а четвртото убаво оди: лавот, јунак меѓу ѕверовите, што не се повлекува пред никого; петелот, што се шета смело меѓу кокошките; јарецот, што предводува стадо, и царот со својата војска. Ако си лудувал гордејќи се, или си смислил зло, сложи ја раката на устата. Кога се мати млекото, излегува маст, кога се притиснува носот, потечува крв, кога се поттикнува гневот, се зафаќа препирка.