Изреки 30:1-10
Изреки 30:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зборовите на Агур, син Јакеов; негово пророштво, кажано на Итиел, на Итиел и Укал. Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки, и не се научив на мудрост, и не успеав да Го запознаам Сесветиот. Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли? Секој збор од Бога е чист; Тој му е штит на оној, што се надева на Него. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец. За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам: суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, – храни ме со насушниот леб, та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: „Кој е Господ“ или, откако ќе осиромашам, да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно. Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен.
Изреки 30:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зборови на Агур, Јаќеев син, од Маса; негово пророштво за Итиел, за Итиел и Укал. Да, преглуп сум за да бидам човек, и немам човечки разум. Не придобив мудрост, и не ги познавам знаењата на Светецот! Кој се вознесе на небо и слезе? Кој го фати ветерот во своите грсти? Кој ги собра водите во својата наметка? Кој ги постави земските краишта? Како се вика и како му се вика синот? Знаеш ли? Секое Божјо слово е испитано, Тој им е штит на оние, кои се надеваат на Него. Не додавај им ништо на Неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив. За две нешта те молам: не откажувај ми ги, додека не умрам: оддалечи ги од мене: суетата, и лагата; не ми давај ни сиромаштво ни богатство; храни ме со мојот насушен леб; за да не се откажам од тебе, откако ќе се наситам, и да речам: „Кој е Господ?“ Или осиромашувајќи - би крадел и би го онечистил името на својот Бог. Не го клевети слугата пред неговиот господар, зашто би можел да те проколне, и да се најдеш виновен.