Изреки 3:21-35
Изреки 3:21-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Синко, не испуштај ги од превид овие работи; запази ја мудроста и разумот; тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; тогаш ќе одиш безопасно по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне. Кога ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен. Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците, бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување. Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне. Не вели му на пријателот свој: „Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам“ кога си во состојба да му помогнеш. Не крој зло против ближниот свој, кога тој со доверба живее кај тебе. Не карај се со човек без причина, кога не ти направил никакво зло. Не завидувај му на човек кој постапува насилно, и не избирај ни еден од патиштата негови, зашто на Господ Му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот. Проклетството Господово е врз домот на безбожниот, а живеалиштето на праведниот Бог го благословува. Над оние што се подигруваат, Тој им се потсмева, а на смирените им дава благодат. Мудрите ќе наследат слава, а безумните – срам.
Изреки 3:21-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сине мој, не губи го тоа од пред очите запази ги разумот и здравото расудување; и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат. Тогаш без страв ќе чекориш по својот пат и твојата нога не ќе се сопнува. Кога ќе легнеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, ќе сонуваш слатко. Не бој се од ненадеен страв ни од пребрзата пропаст, кога ќе ги стигне нечестивите, зашто Господ ќе ти биде надеж и ќе ја чува твојата нога од стапица. Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа. Не вели му на својот ближен: „Отиди си и дојди пак, и ќе ти дадам утре“, кога можеш веќе сега. Не кови му зло на својот ближен, додека тој престојува без страв, кај тебе. Не карај се без причина, со никого, ако не ти направил зло. Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта, зашто на Господа му се гнасни развратите, а близок е со праведните. Господовото проклетство е врз домот на безбожникот, а благословот е во домот на праведникот. На потсмевнувачите тој им се потсмевнува, а на смирените им дарува благодат. Мудрите ќе ја наследат славата, а безумниците ќе го носат срамот.