Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 24:1-34 - Compare All Versions

Изреки 24:1-34 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

Не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив, зашто срцето нивно насилство на­мислува, и устите нивни за лошо зборуваат. Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува, а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра. Мудриот човек е силен, а разумниот – ја зацврстува силата своја. Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања. Мудроста е недостижна за глупавиот, затоа тој не отвора уста на собирите. Кој мисли да направи зло, ќе го на­речат зломисленик. Безумието има само една мисла: гре­вот, а исмејувачот е одвратен за луѓето. Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата. Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и поштеди ги оние, кои упла­шени одат кон губилиштето. Ако кажеш: „Ете, ние не го знаевме тоа“, а Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на чове­кот според делата негови. Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое: такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави. Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокој­ството негово, зашто седумпати ќе падне праведникот – и пак ќе стане; а падне ли не­чесен, тој изнемогнува во злото. Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој. Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците, зашто лошиот нема иднина; и све­тилото на безбожните ќе згасне. Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот, зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата? Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрасност. Кој му вели на виновниот: „Прав си“, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат; а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благо­словот. Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни. Уреди ги работите надвор од куќа­та, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој. Не сведочи лажно против ближ­ниот свој: зошто да лажеш со устата своја? Не вели: „Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.“ Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на неразумен човек: и ете, сѐ беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а ка­мената ограда негова беше урната. И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков: „Малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш“ – и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.

Изреки 24:1-34 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Не завиди им на нечесните луѓе, ниту посакувај да бидеш со нив, зашто нивното срце смислува насилство и усните зборуваат за зло. Со мудрост се гради куќа, и со разумност се утврдува, и преку знаење се полнат собите со секакви благопријатни и скапоцени богатства. Мудриот човек се зацврстува, и човек со знаење расте во сила. Зашто со размислување се оди во војна, и победата е од многу советници. За безумниот мудроста е превисока, затоа на судот не ја отвора својата уста! Кој смислува зло, се вика подмолен сплеткар. Мислата на безумникот е грев, и потсмевачот им е омразен на луѓето. Ако покажеш малодушност во ден на беда, твојата сила е мала. Избави ги оние кои ги влечат во смрт, и спасувај ги оние што одат на губилиште. Ако речеш: „Не знаевме за тоа, не разбира ли Оној, кој ги испитува срцата? И не знае ли Оној, Кој ти ја чува душата? И не плаќа ли Тој секому според неговите дела? Јади мед, сине мој, зашто е пријатен, и саќите се слатки на твоето грло, така е знај, и мудроста за твојата душа: ако ја најдеш, ја најде иднината, и твојата надеж нема да пропадне. Не поставувај нечеснику, заседа на праведниковото живеалиште; не прави насилство на неговото мирно престојувалиште; зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува, а нечесните пропаѓаат во несреќа. Не се радувај кога ќе падне твојот непријател, и не воскликнувај со срцето кога ќе се подлизне, за да не види Господ и за да не го земе тоа за зло, па да го сврти Својот гнев од него кон тебе. Не се гневи заради злочинците, не им завиди на нечестивите, зашто лошиот човек нема иднина, светилката на нечесните гасне. Бој се од Господа, сине мој, и од царот: и не се дружи со променливи луѓе, зашто одненадеж доаѓа нивната погибел; и кој знае кога бедата ќе дојде од обата? И ова е од мудреците: Не чини да се биде пристрасен на суд. Кој му вели на нечесниот: „Праведен си!“ Ќе го проколнуваат народите и ќе го мразат племињата; а оние што го укоруваат, ќе бидат возљубени и врз нив ќе дојде благословот. Кој одговара чесно, љуби во уста. Сврши ја својата работа надвор и приготви ја својата нива, потоа изгради ја и својата куќа. Не сведочи лажно против својот ближен; зар ќе мамиш со своите усни? Не зборувај: „Како што тој ми направи мене, така ќе му направам и јас нему; ќе му платам на тој човек според неговото дело!“ Поминував покрај нивата на некој мрзливец, и покрај лозјето на некој безумник; и ете, сѐ беше зарастено во коприви, трњето ја покриле површината, и камената ограда беше разурната. Го видов тоа и го запазив во срцето, разгледав и зедов поука: „Уште малку поспи, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за починка, и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и немаштијата како вооруженик!“

Сподели
Изреки 24 MKB