Филипјаните 4:14-20
Филипјаните 4:14-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа. Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин.
Филипјаните 4:14-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи. Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се умножува во ваша полза. Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога. Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус. А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин!
Филипјаните 4:14-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие. Вие ми испративте во Солун, еднаш и двапати, за моја потреба. Не како да барам подарок, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка. Примив сѐ и имам сѐ во изобилство. Полн сум откако примив од Епафродит што ми испративте - благопријатен мирис, жртва пријатна благоугодна на Бога. А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса. А на нашиот Бог, и Татко, слава во сите векови Амин!