Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 25:1-18

Броеви 25:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Израел живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав; и тие го покануваа народот да при­суствува на принесувањето жртви на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се поклонуваше на боговите нивни. И му се приклони Израел на Ва­ал-Фегор. И се разгоре гневот Господов против Израел. И му рече Господ на Мојсеј: „Земи ги сите началници народни и обеси ги пред Господ спроти сонцето, и ќе се одврати јаросниот гнев Господов од Израел.“ Тогаш Мојсеј им рече на судиите израелски: „Секој нека ги убие своите луѓе што му служат на Ваал-Фегор.“ И ете, еден од синовите на Израел дојде и доведе кај еден од своите со­браќа една Мидјанка, пред очите на Мојсеј, и пред очите на целото оп­штество на синовите израелски, кога тие плачеа при влезот од скинијата на собранието. Финес, синот на Елеазар, син на свеш­теникот Арон, кога го виде тоа, стана среде општеството и зеде во раката копје, и влезе по Израелецот во блу­ди­лиштето и ги прободе и обајцата: Изра­елецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите израел­ски. А умрените од помор беа дваесет и четири илјади. И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи: „Финес, синот на Елеазар, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите израелски, покажу­вајќи меѓу нив ревност за Мене, и Јас не ги истребив синовите на Израел во ревноста Своја. Така кажи им: ете, Јас му давам мирен завет; и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за си­новите израелски.“ Името на убиениот Израелец, кој беше убиен со Мидјанката, е Замвриј, син на Салу, началник на родот Симе­оновци; а името на убиената Мидјанка е Коз­би; таа беше ќерка на Цур, начал­ник на едно од племињата на Мидјани­те. Пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Сметајте ги за непријатели Мидја­ните и поразувајте ги, зашто тие со подмолноста своја постапуваа непријателски спрема вас, соблазнувајќи ве со Фегор и со Козби, ќерката на мидјанскиот началник, нив­на сестра, убиена во денот кога имаше помор поради Фегор.“

Броеви 25:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со Моавските ќерки. Тие го повикуваа народот на жртвувањата на своите богови, а народот јадеше на нивните гозби и им се поклонуваше на нивните богови. Така Израел се прилепи до Фегорскиот Ваал. И Господ пламна со гнев против Израел. „Собери ги сите народни началници - му рече Господ на Мојсеја. Обеси ги пред Господа на бел ден, за да се одврати Господовиот гнев од Израел.“ Тогаш Мојсеј им рече на израелевите судии: „Нека секој ги погуби оние свои луѓе, кои се прилепија до Фегорскиот Ваал.“ Токму тогаш некој од Израелевите синови дојде и доведе една Мадијанка при своите браќа, пред очите на Мојсеја и пред очите на сето Израелско општество, кое заплака при влезот од Шаторот на средбата. Кога Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, го забележа тоа, стана пред заедницата: зеде копје во раката и тргна по Израелецот, во лежиштето, и ги прободе двата, Израелецот и жената; неа низ слабините, па прекрати поморот на Израелевите синови. А тие кои изумреа од поморот беа дваесет и четири илјади. Господ му рече на Мојсеја: „Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, ја одврати Мојата јарост од Израелевите синови, зашто покажа ревност за Мене, и Јас не ги истребив Израелевите синови во Мојата ревност. И така кажи му: ‘Еве, со него склучувам завет на мир. Тоа нека биде за него и за неговите потомци, после него, завет на вечно свештенство, зашто ревнуваше за својот Бог и ги застапи Израелевите синови.’“ Името на Израелецот кој беше убиен - на оној кој беше погубен заедно со Мадијанката - беше Зимриј, син на Салу, началник на еден татковски дом на Симеоновците. А името на убиената жена Мадијанка ѝ беше Хазвија. Беше Сурова ќерка. Сур беше родовски главатар на едно семејство во Мадијан. Господ му рече на Мојсеја: „Завојувај против Мадијанците и порази ги, зашто и тие војуваа против вас со итрина и ве измамија со Ваал-Фегор и со својата сестра Хазвија, ќерка на мадијански началник, која беше погубена во денот на поморот заради Фегор.“