Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 22:1-41

Броеви 22:1-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш синовите израелски тргнаа и се настанија во западниот дел на Моав, од другата страна на Јор­дан, спроти Ерихон. И Валак, синот Ципоров, виде сѐ што им беше направил Израел на Аморејците. И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од си­новите на Израел. Тогаш Моавците им рекоа на мидјанските старешини: „Овој народ сега истребува сѐ околу нас, како што воло­вите ја изедуваат полската трева.“ А Валак, синот Ципоров, беше моавски цар во тоа време. Тој испрати пратеници кај Валаам, синот Беоров во Петор што е крај Реката во земјата на неговите предци, да го повикаат и да му кажат: „Ете, народот што дојде од Египет, го покри лицето земно, и сега се смести близу до мене. Затоа дојди и проколни го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам дека кого ќе го благо­словиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.“ И отидоа моавските старешини и старешините мидјански со подароци во рацете за врачувањето и дојдоа при Ва­лаам и му ги соопштија Валаковите зборови. И тој им рече: „Преспијте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.“ И моавските старешини оста­наа кај Валаам. И дојде Бог кај Валаам и му рече: „Кои се оние луѓе кај тебе?“ Валаам Му одговори на Бога: „Моавскиот цар Валак, синот Ципоров ги испратил кај мене да кажат: Ете, народот што дојде од Египет, го покри земното лице; дојди, па, про­колни го; тогаш можеби ќе можам да го поразам и да го изгонам.“ И му рече Бог на Валаам: „Не оди со нив, не проколнувај го тој народ, бидејќи е благословен.“ И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: „Вратете се во својата земја, зашто Бог не ми дозволува да одам со вас.“ Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: „Ва­лаам не сакаше да дојде со нас.“ И Валак пак испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите. И тие дојдоа кај Валаам и му рекоа: „Вака вели Валак, синот Ципоров: ‚те молам, не откажувај да дојдеш кај мене; ќе ти укажам големи почести и ќе направам сѐ што ќе ми кажеш; па дојди и проколни го тој народ.‘“ Валаам одговори и им кажа на слугите Валакови: „Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господ Бог, и да извршам нешто мало или големо; но сепак, останете и вие тука оваа ноќ, и јас ќе разберам што уште ќе ми каже Господ.“ И дојде ноќта Бог кај Валаам и му рече: „Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она што ќе ти го речам Јас.“ Утрината Валаам стана, ја оседла магарицата своја и тргна со моавските кнезови. И пламна јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на магарицата своја, а со него и двајца слуги негови. И магарицата го виде ангелот Гос­подов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето; а Валаам почна да ја удира магарицата, за да се врати на патот. И застана ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени, и од едната, и од другата страна. Магарицата кога го виде ангелот Господов, се прилепи кон оградата и ја притисна ногата на Валаам; и тој пак почна да ја тепа. Но ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што не­маше каде да се скршне – ниту надесно, ниту налево. Магарицата, кога го виде ангелот Гос­подов, легна под Валаам. И се раз­гневи Валаам и пак почна да ја тепа магарицата со стапот. Тогаш ја одврза Бог устата на магарицата и таа му рече на Валаам: „Што ти направив, та ме тепаш еве веќе третпат?“ Валаам ѝ рече на магарицата: „За­тоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.“ А магарицата му рече на Валаам: „Нели сум јас твојата магарица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?“ Тој одговори: „Не.“ И му ги отвори Господ очите на Валаам, и тој го виде ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум. И му рече ангелот Господов: „Зош­то ја тепаш магарицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја! И магарицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе трипати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.“ И му рече Валаам на ангелот Гос­подов: „Згрешив, бидејќи не знаев дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.“ И му рече ангелот Божји на Ва­лаам: „Оди со овие луѓе; само зборувај го она што Јас ќе ти го кажувам.“ И отиде Валаам со Валаковите кнезови. Валак, кога чу дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај. И му рече Валак на Валаам: „Нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде кај мене? Или зар не можам да ти укажам почести?“ И му рече Валаам на Валак: „Ете, јас дојдов кај тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог ќе го вложи во устата моја, тоа и ќе го кажувам.“ И тргна Валаам со Валак, и влегоа во Кирјат-Хуцот. И закла Валак волови и овци и му испрати на Валаам и на кнезовите, кои беа со него. А утрината Валак го зеде Валаам и го качи на Бамот-Ваал, за да види оттаму еден дел од народот.

Броеви 22:1-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон. Валак, Сефоровиот син, виде сѐ што им стори Израел на Аморејците. Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците. Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сѐ околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.“ Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време. Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене. Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.“ Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака. Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.“ Така моавските управители останаа кај Валаама. Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?“ Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака: ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’“ Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.“ Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.“ Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.“ Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите. Тие дојдоа кај Валаама и му рекоа: „Валак, синот Сефоров, порача вака: ‘Не двоуми се, туку дојди при мене. Ќе те наградам богато и ќе направам сѐ што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’“ Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало. Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.“ Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!“ Наутро Валаам стана, и ѝ стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови. Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка. Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот. Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна. Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие. Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево. Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап. Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?“ Валаам ѝ одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!“ А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?“ „Не!“ одговори тој. Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони. Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст. Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.“ Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.“ Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.“ Така Валаам отиде со Валаковите првенци. Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето. „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?“ „Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.“ Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот. Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа. Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот.