Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 20:1-13

Броеви 20:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш синовите на Израел, цело­то општество, дојдоа во пустината Син во првиот месец, и народот се улогори во Кадис; таму умре Мирјам, каде што беше и погребана. За народот немаше вода, и тие се побунија против Мојсеј и Арон; и негодуваа против Мојсеј, велејќи: „О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господ! Зошто го доведовте народот Госпо­дов во оваа пустина, па да изумреме тука – ние и добитокот наш? И зошто нѐ изведовте од Египет, па нѐ доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни калини, дури ни вода за пиење?“ Тогаш Мојсеј и Арон се повлекоа од народот, кон влезот од скинијата на собранието, и паднаа ничкум, и им се јави славата Господова. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Земи го жезолот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете ѝ на карпата и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата и ќе го напоиш народот и добитокот негов.“ Го зеде Мојсеј жезолот што е пред Господ, како што му заповеда Тој. И го собраа Мојсеј и Арон народот кај карпата и тој им рече: „Чујте ме, непокорници, зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?“ И ја крена Мојсеј раката своја и удри двапати на карпата со жезолот свој, и потече многу вода, и народот се напи, а и добитокот негов. И им рече Господ на Мојсеј и на Арон: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам.“ Тоа е водата Мерива, кај која синовите израелски влегоа во кавга со Господ, и Тој ја покажа пред нив Својата светост.

Броеви 20:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Израелевите синови стигнаа, сета заедница, во пустината Цин, во првиот месец. Народот се настани во Кадис. Маријам почина таму и ја погребаа таму. Немаше вода за заедницата. Затоа се здружија против Мојсеја и против Арона. Народот почна да се препира со Мојсеја и да вели: „О, да бевме изумреле кога и нашите браќа загинаа пред Господа! Зошто го доведовте Господовото општество во пустинава, за да изумреме тука и ние и нашиот добиток? Зошто нѐ изведовте од Египет, за да нѐ доведете во незгодново место; место во кое нема ни жито, ни смокви, ни грозје, ни калинки? Нема ни вода за да пиеме.“ Мојсеј и Арон отидоа од народот кон влезот во Шаторот на средбата и паднаа на своите лица. Господовата слава им се јави тогаш. И Господ му рече на Мојсеја: „Земи го жезалот, па - ти и твојот брат Арон - соберете го општеството. Тогаш, пред нивни очи, речете ѝ на карпата, и таа ќе даде вода од себе. И така ќе им извадиш вода од карпата и ќе ги напоиш: општеството и неговиот добиток.“ Мојсеј го зеде жезалот од пред Господа, како што му нареди. Потоа Мојсеј и Арон го собраа народот пред карпата, па Мојсеј им рече: „Чујте, бунтовници! Дали ќе ви извадиме вода од карпава?“ И Мојсеј ја подигна раката и удри со жезалот двапати по карпата: потече многу вода, па заедницата и нејзиниот добиток пиеја. А Господ им рече на Мојсеја и на Арона: „Бидејќи немавте вера во Мене, за да ја јавите Мојата светост пред очите на Израелевите синови, вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам.“ Тоа се водите на Мерива, крај кои Израелевите синови се препираа со Господа, а Тој им ја јави Својата светост.