Броеви 18:1-32
Броеви 18:1-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И му рече Господ на Арон: „Ти и синовите твои и татковиот ти дом заедно со тебе, ќе го понесете врз себе гревот за немарноста во светилиштето; и ти и синовите твои заедно со тебе ќе го понесете врз себе гревот за неисправноста на свештенодејствието свое. Земи ги кај себе браќата твои, од племето Левиево од родот на таткото твој; нека бидат тие кај тебе и нека ти служат, а ти и синовите твои заедно со тебе бидете при скинијата на откровението; и тие нека ти служат на тебе и на целата скинија; само да не се доближуваат до светите садови и до жртвеникот, за да не умрете и вие, и тие. Нека бидат тие при тебе и да служат во скинијата на собранието, вршејќи ја и сета работа во скинијата; а човек надворешен да не пристапува кон тебе. Така извршувајте ја службата во светилиштето и при жртвеникот, за да нема во иднина гнев против синовите на Израел; зашто вашите браќа, левитите, Јас ги зедов од синовите на Израел и ви ги дадов вам како дар што Му е даден на Господ, за да служат при скинијата на собранието; а ти и синовите твои заедно со тебе пазете го свештенството свое со сѐ што му припаѓа на жртвеникот и што е внатре зад завесата, и служете. Јас ви подарувам служба свештена, а надворешен кој ќе се доближи, да биде убиен.“ И му рече Господ на Арон: „Ете, Јас ти ги поверувам на тебе сите осветени дарови што за Мене ги принесуваат синовите израелски. Тебе ти ги давам и на синовите твои преку вечна наредба. Еве што ти припаѓа на тебе од свештените жртви, освен она што се изгорува: секој лебен принос, и секоја жртва за грев, и секоја жртва за вина што тие Ми ја принесуваат. Тоа е голема светиња за тебе и за синовите твои. Тоа да го јадете на најсвето место. Секој од машки пол може да го јаде; тоа да ти биде свето. И ова да биде ваше – од првините што се принесуваат, од сѐ што се вознесува од синовите израелски преку вечен закон ти го дадов тебе, и на синовите твои, и на ќерките твои заедно со тебе; секој чист во куќата твоја може да јаде од тоа. Најдоброто од маслото, најдоброто од виното и од житото – сите нивни првини што тие Му ги принесуваат на Господ, твои да се; и сите првини од плодовите на земјата нивна што Му ги принесуваат на Господ, твои нека бидат; секој чист од куќата твоја може да го јаде тоа. Сѐ што е ставено под клетва во земјата израелска, да биде твое. И сѐ она што ја отвора утробата во секоја плот, а се принесува на Господ, од луѓе и од добиток, да биде твое. Само првородените од луѓето и од нечистиот добиток да бидат откупувани. Кога ќе бидат на возраст од еден месец и нагоре, можат да бидат откупувани. Земај откуп по фиксна цена: пет шекели сребрени, според свештениот шекел, кој има дваесет гери; но за првороденото теле, и за првороденото од овците, и за првороденото од козите не земај откуп: тие се свети; со крвта нивна попрскај го жртвеникот, а лојот изгори го како жртва за благопријатен мирис на Господ; а месото нивно, пак, ти припаѓа тебе, како што ти припаѓаат градите за возношение и десната плешка.“ Сите вознесувани свети дарови кои синовите на Израел Му ги принесуваат на Господ, преку вечно озаконување ти ги давам тебе и на синовите твои и на ќерките твои; тоа е завет постојан, вечен пред Господ, даден за тебе и за потомството твое заедно со тебе. И му рече Господ на Арон: „Од земјата нивна ќе немаш наследство и дел нема да имаш меѓу нив, бидејќи Јас сум твојот дел и твоето наследство меѓу синовите на Израел.“ „А на Левиевите синови, ете, Јас им дадов како дел десеток од сѐ што има Израел, за службата нивна што ја вршат во скинијата на собранието. И по сево ова синовите израелски да не пристапуваат до скинијата на собранието, за да не згрешат и да не умрат. Левитите сами нека ја вршат службата во скинијата на собранието и да го носат врз себе нивниот грев. Тоа е вечно озаконување во поколенијата ваши; но меѓу синовите на Израел тие нема да добиваат дел; бидејќи на левитите им го давам како дел десетокот од синовите израелски што тие го принесуваат за возношение пред Господ, затоа и им реков: меѓу синовите израелски тие нема да наследуваат дел.“ И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на левитите и речи им: кога го земате од синовите израелски десетокот што ви го дадов од нив како дел, вознесувајте Му од него возношение на Господ: од десетокот – десеток. И тоа ваше возношение ќе ви се прими како жито од гумно и како сок од грозје; така и вие вознесувајте Му возношение на Господ, од сите ваши десетоци што ги земате од синовите израелски, и давајте го осветениот дар од нив за возношение Господово на свештеникот Арон. Од сѐ што ви се дарува, принесувајте Му возношение на Господ, од сѐ што е најдобро и што се осветува. И кажи им: кога ќе принесувате најдоброто од тоа, ќе им се смета на левитите како добивка од гумно и како добивка од преса за грозје. Можете да го јадете тоа на секое место, вие и вашите семејства, зашто тоа ви е награда за вашата служба во скинијата на собранието; и нема да се огрешите ако го принесувате најдоброто од тоа; и нема да ги оскверните светите приноси на синовите израелски, и нема да умрете.“
Броеви 18:1-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство. Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото. Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие. И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам, а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови. Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата. Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сѐ што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.“ Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сѐ што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав. Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови! Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети! И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа. Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино. Твои нека бидат првите родови од сѐ во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде. Сѐ, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое. Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток. Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери. Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа. Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка. Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе. Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.“ „Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата. А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат. Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови. Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’“ Господ му рече на Мојсеја: „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот. Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва. Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон. Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сѐ она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’ Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва. Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата. Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’“