Броеви 11:24-30 - Compare All Versions
Броеви 11:24-30 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))
Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата. И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа. Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот – Медад; но и над нив беше слегол Духот, и тие пророкуваа во логорот. Дотрча едно момче и му јави на Мојсеј, и рече: „Елдад и Медад пророкуваат во логорот.“ Во одговор на тоа Исус, син Навинов, служител на Мојсеј уште од неговите млади години, рече: „Господаре мој, Мојсеје, забрани им!“ Но Мојсеј му рече: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!“ Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините израелски.
Броеви 11:24-30 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)
Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот. Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш. Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот. Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!“ Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!“ Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!“ Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот.