Броеви 11:1-9
Броеви 11:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Народот почна гласно да мрмори против Господ; и Господ чу, па Му се разгоре гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и започна да го уништува крајниот дел од логорот. И повика народот кон Мојсеј; Мојсеј Му се помоли на Господ и огнот престана. И го нарекоа тоа место Тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Господов. Придојдените меѓу нив почнаа да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: „Кој ќе нѐ нахрани со месо? Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот; а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.“ А маната прилегаше на коријандрово семе и изгледаше како бделиум. Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачни мелници или ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со масло. Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него.
Броеви 11:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот. Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна. Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму. Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нѐ насити со месо! Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук. Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.“ Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј. Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот ѝ беше како вкус на колачиња зготвени со масло. Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната.