Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 9:1-29

Марко 9:1-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“ Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“ Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“ Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен? Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“ Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“ Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“ Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“ „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус. Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“ Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“ Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“

Марко 9:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“ А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. А кога слегуваа од гората, им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“ И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. Но ви велам дека и Илија дојде, ка­ко што е напишано за Него, и му на­пра­вија што сакаа.“ И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци, кои се препираа со нив. И штом Го виде, сиот народ се ис­плаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на уче­ниците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“ И одеднаш таткото на момчето из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­поди, помогни му на моето неверие!“ А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И кога извика, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го исте­раме?“ Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

Марко 9:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И им рече: „Вистина ви велам - има некои меѓу овие, кои стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото Царство дојдено во сила.“ И по шест дни, Исус ги зеде Петра, Јакова и Јована и ги изведе само нив на една висока планина, насамо, и се преобрази пред нив; и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. А Петар проговори и Му рече на Исуса: „Рави! Учителе, добро е да сме тука; да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија.“ Имено, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени. И дојде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: „Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го Него!“ И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исуса. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажу-ваат што видоа, додека Човечкиот Син не воскресне од мртвите.“ И тие го држеа цврсто тој збор, но меѓусебно расправаа: што значи - да се воскресне од мртви? И Го прашаа: „Зошто книжниците ве-лат дека првин Илија треба да дојде?“ А Тој им рече: „Илија ќе дојде првин, и ќе воспостави сѐ. А како е напишано за Човечкиот Син: дека треба многу да пострада и да биде презрен? Но, Јас ви велам, дека Илија дојде, и постапија со него, како што сакаа, како што е напишано за него.“ И кога дојдоа при учениците, видоа многу големо множество околу нив и книжници, кои се препираа со нив. И штом целото множество Го виде, се зачудија, и се стрчаа и Го поздравуваа. И ги праша: „За што се препирате со нив?“ А еден од народот му одговори: „Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух; и кога го фаќа, го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.“ А Тој одговори и рече: „О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!“ И Му го доведоа. А штом духот го виде, веднаш го стресе и тој падна на земја, се тркалаше и се пене-ше. Тогаш го праша татка му: „Колку време има откако му се случува ова? А тој рече: „Од детството, а често го фрла во оган и во вода - за да го погуби. Но, ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни!“ Исус пак му рече: „Ако можеш нешто! Сѐ е можно на оној, кој верува!“ Таткото на детето веднаш извика и рече: „Верувам! Помогни му на моето неверие!“ А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: „Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!“ И извика, и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана. А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ И им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“