Марко 9:1-13
Марко 9:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“ Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“ Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“ Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен? Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“
Марко 9:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“ А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Зашто не знаеше што да каже, бидејќи беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“ И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа.“
Марко 9:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И им рече: „Вистина ви велам - има некои меѓу овие, кои стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото Царство дојдено во сила.“ И по шест дни, Исус ги зеде Петра, Јакова и Јована и ги изведе само нив на една висока планина, насамо, и се преобрази пред нив; и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. А Петар проговори и Му рече на Исуса: „Рави! Учителе, добро е да сме тука; да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија.“ Имено, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени. И дојде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: „Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го Него!“ И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исуса. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажу-ваат што видоа, додека Човечкиот Син не воскресне од мртвите.“ И тие го држеа цврсто тој збор, но меѓусебно расправаа: што значи - да се воскресне од мртви? И Го прашаа: „Зошто книжниците ве-лат дека првин Илија треба да дојде?“ А Тој им рече: „Илија ќе дојде првин, и ќе воспостави сѐ. А како е напишано за Човечкиот Син: дека треба многу да пострада и да биде презрен? Но, Јас ви велам, дека Илија дојде, и постапија со него, како што сакаа, како што е напишано за него.“