Марко 7:31-37
Марко 7:31-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис. Му донесоа еден глувонем човек и луѓето Го молеа да го излекува со Својот допир. Исус го тргна човекот настрана и со Своите прсти му ги допре ушите. Потоа со плунка на прстите му го намачка јазикот. Со поглед кон небото и со длабока воздишка, Исус рече: „Хипатах!“ - што на арамејски јазик значи: „Отвори се!“ Слухот на човекот веднаш му се отвори, а во исто време почна јасно и разбирливо да зборува. Исус им нареди никому да не кажуваат за ова. Но, колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие зборуваа за тоа. Сите беа исполнети со восхит и говореа: „Сe што прави Тој е добро! На глувите им дава слух, а на немите моќ на говор!“
Марко 7:31-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието. И доведоа кај Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него рака. Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши; а кога плукна, го допре неговиот јазик; потоа погледна на небото, воздивна и му рече: „Ефата!“ – што значи: „Отвори се!“ И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто. И им заповеда никому да не кажуваат. Но, колку повеќе Тој им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа. И прекумерно се чудеа и велеа: „Сѐ добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат!“
Марко 7:31-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога излезе пак од пределите на Тир, дојде - преку Сидон - до Галилејското Море, среде пределите на Десеттоградието. И Му доведоа глувонем и Го молеа да положи рака на него. И го одведе насамо од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши, и плукна и го допре неговиот јазик; погледна кон небото, воздивна и му рече: „Ефата!“ - односно: „Отвори се!“ И веднаш му се отворија ушите и му се разврза врската на неговиот јазик, и зборуваше чисто. И им порача никому да не кажуваат. Но колку повеќе им наредуваше Тој, толку повеќе тие разгласуваа. И прекумерно се чудеа и велеа: „Сѐ добро прави! И глувите ги прави да слушаат, и немите да зборуваат!“