Марко 3:7-21
Марко 3:7-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја, како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус. Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот. Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат. А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ - иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој. Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија. Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат. Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони. А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар, Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови“, Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот, и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус. Исус се врати дома, а голема толпа народ повторно навали, така што Тој и Неговите ученици не можеа ни да јадат. Кога Неговите домашни разбраа за ова, тргнаа да Го приберат, зашто се говореше дека Тој е луд.
Марко 3:7-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу народ од Галилеја и од Јудеја, од Ерусалим и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него. И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат; зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа кон Него за да се доближат до Него. И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!“ Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него. Потоа се искачи на гората и ги повика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него. Избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат демони: првиот Симон, кого го нарече Петар; па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи, синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Хананеецот и Јуда Искариот, кој и Го предаде. И дојдоа в куќи; и пак се собра народ, така што тие не можеа ни леб да јадат. И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил на Себеси.
Марко 3:7-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и големо мноштво од Галилеја, тргна по Него, и од Јудеја, и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан; од околината на Тир и Сидон, големо множество дојде при Него, откако чуја што правел. И им рече на Своите ученици да Му се приготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат. Бидејќи мнозина излекува, така што навалуваа на Него сите, кои страдаа, за да Го допрат. И нечи-стите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син!“ И им забрануваше строго да не Го разгласуваат. И се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него. И определи Дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат, и да имаат власт да ги изгонуваат бесовите. И ги определи Дванаесет-мина: и на Симона му го даде името Петар, па Јакова Зеведеев и Јована, братот Јаковов, на кои им го даде името Воанергес - што значи: Синови на Громот; и Андреја, и Филипа, и Вартоломеја, и Матеја, и Тома, и Јакова Алфеев, и Тадеја, и Симона Хананец, и Јуда Искариотски, кој Го предаде. И дојде во една куќа, и пак се собра народ, така што не можеа ни леб да јадат. А кога Неговите чуја за тоа, излегоа за да Го прибе-рат, зашто зборуваа дека не е при Себеси.