Марко 14:26-50
Марко 14:26-50 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“ Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“ „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици. Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“ Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“ Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“ И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини. Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“ Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж. Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови? Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“ Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија.
Марко 14:26-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора. И им рече Исус: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘ Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.“ А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!“ Му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“ Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите така рекоа. Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!“ И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован; се замисли и почна да тагува, па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете будни!“ И штом се оддалечи малку, се фрли на земја и се молеше, за да Го одмине овој час, ако е можно; и велеше: „Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; сепак не како Јас што сакам, туку како Ти!“ Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови. А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат. И по третпат дојде и им рече: „Само спиете и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници. Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ И веднаш, додека Тој сѐ уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратени од првосвештениците, книжниците и старешините. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“ Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Рави!“ И Го целива. А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија. Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но, нека се исполнат Писмата.“ И откако Го оставија, сите се разбегаа.
Марко 14:26-50 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И откако испеаја песна, излегоа на Маслиновата Гора. И Исус им рече: „Сите ќе се соблазните, зашто е напишано: „Ќе го удрам Пастирот, и овците ќе се разбегаат.“ А по Своето воскресение, ќе отидам пред вас во Галилеја.“ А Петар Му рече: „Ако и сите се соблазнат, но јас - не.“ И Исус му рече: „Вистина ти велам, дека ти денес, во оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Но тој уште поупорно зборуваше: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!“ И сите го велеа истото. И дојдоа до место, по име Гетсиманија, и им рече на Своите ученици: „Седете тука, додека се помолам!“ И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува. И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!“ И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час, и велеше: „Ава, Татко! Сѐ е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!“ И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час! Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.“ И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат. И дојде по третпат и им рече: „Сѐ уште спиете и почи-вате!“ Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во гре-шнички раце. Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!“ И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него мно-жество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.“ И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.“ А тие ставија раце на Него и Го фатија. А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите! Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!“ Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа.