Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 14:1-25

Марко 14:1-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Имаше уште два дена до празниците Пасха и Бесквасници. Свештеничките поглавари и вероучителите бараа некој лукав начин да Го уапсат Исуса и да Го погубат. Но велеа: „Не за време на празниците, зашто народот ќе се побуни!“ Исус беше на вечера во Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледуваше од лепра. Таму дојде една жена, носејќи шише од алабастер полно со скапоцен нардов мирис. Таа го скрши шишето и го разлеа нардовиот мирис врз главата на Исус. Некои од гостите налутено реагираа, велејќи: „Зошто се растура овој скап мирис!? Можеше да се продаде за триста денарии и парите да им се разделат на сиромасите!“ Тие почнаа да ја укоруваат жената. Но Исус им рече: „Оставете ја жената на мира! Зошто ја карате!? Таа направи милосрдно дело спрема Мене. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, и ќе можете да им помагате кога и да посакате. Но Јас нема да бидам уште долго време со вас. Таа направи сe што можеше - однапред го подготви Моето тело за погреб. Ве уверувам, дека, насекаде по светот, каде што ќе се проповеда Радосната вест, ќе се кажува и ова што таа го направи, за спомен на неа!“ Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте ученици на Исус, отиде кај свештеничките поглавари и се понуди да им Го предаде Исус. Тие се израдуваа на тоа и му ветија парична награда. Оттогаш Јуда бараше погоден момент да Го предаде Исуса. На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него. Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘ Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“ Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици. За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“ Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“ Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене! Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“ За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“ Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него. Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина. Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“

Марко 14:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници. А првосвеш­тениците и книжниците сакаа да Го фа­тат на измама и да Го убијат; но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето.“ А кога беше Тој во Витанија, во ку­ќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцен и чист нардов мирис и, кога го искрши шишенцето, го изли мирисот врз главата Негова. А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирисот да се растура? Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа. Но Исус рече: „Оставете ја неа; зош­то ја буните? Таа направи добро дело за Мене! Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш. Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за по­гребение. Вистина ви велам: каде и да се про­поведа ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“ Тогаш Јуда Искариот, еден од два­наесетте, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ве­тија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде. Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да оти­деме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“ И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“ И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој дојде со два­наесетте. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“ А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чи­нијата. Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“ И кога јадеа, зеде Исус леб, го бла­гослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“

Марко 14:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А беа два дни до Пасха и до празникот на Бесквасните лебови. И главните свештеници и книжниците бараа како да Го фатат на измама и да Го убијат, но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.“ И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото! Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!“ И негодуваа против неа. Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто ѝ досадувате? Таа направи добро дело на Мене. Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш. Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Еван-гелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.“ И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде. А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде. А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Него-вите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?“ И испра-ти двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?“ И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!“ И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата. А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината. И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.“ Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?“ А друг: „Дали јас?“ А Тој им рече: „Еден од Дванаесетмината, кој макнува со Мене во чинијата. Човечкиот Син си оди, како што е напишано за Него; но горко му на тој човек, преку кого Човеч-киот Син ќе биде предаден. Подобро би му било на тој човек, да не се родил.“ И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им раздаде и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и сите пиеја од неа. И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина. Вистина ви велам: нема веќе да пијам од лозовиот плод до оној ден, кога ќе пијам нов во Божјото Царство.“