Марко 13:14-37
Марко 13:14-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините! Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто, а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека. Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките! Молете се тоа да не се случи зиме! Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има! Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време. Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му! Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници! Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“ Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети. Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.“ Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава. Тогаш ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат Моите избраници од сите четири страни на светот, од крајот на Земјата, до крајот на небото.“ „Научете се од примерот со смоквата: кога гранките ќе и распупат и ќе и разлистаат, знаете дека наближува летото. Така, кога ќе забележите дека овие случки што ви ги опишав се одигруваат, знајте дека враќањето на Месијата е на прагот. Ве уверувам дека некои луѓе од оваа генерација сe уште ќе бидат живи, кога сите тие случки ќе се одиграат! Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат! А што се однесува до точното време и час - тоа никој не го знае, дури ни ангелите на небото, па ни Синот Човечки, туку само небесниот Татко! Затоа, бидете духовно будни и подготвени, бидејќи не знаете кога точно ќе настапи тоа време! Враќањето на Месијата може да се спореди со човек кој заминува на пат и им ја предава грижата за куќата на своите слуги. На секој од нив му дава задолжение, а на чуварот му наредува да бдее. Значи, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе се врати господарот на куќата! Тој може да се врати навечер или на полноќ или во раните мугри кога петлите пеат! Да не ве изненади и затекне на спиење! Тоа што ви го велам вам, им го кажувам на сите: Бидете духовно будни!“
Марко 13:14-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„А кога ќе видите дека гнасниот пустошник се сместил каде што не треба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините; и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја! Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни! Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме! Зашто во тие дни ќе има мака, каква немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има. И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Тој, ќе ги скрати дните. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте! Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните. Но вие – чувајте се! Ете, сѐ однапред ви кажав! Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите небески ќе паѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема сила и слава. Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото. Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу летото. Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата! Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе исчезнат, но зборовите Мои нема да исчезнат!“ „А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот. Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот. Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, на вратарот му заповеда да биде буден. Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро, па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете. Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“
Марко 13:14-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите! Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа; а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка. Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни! Молете се, тоа да не биде зиме! Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде. И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избра-ните, кои ги избра, ги скрати дните. И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте; зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно. А вие внимавајте! Ете, ви кажав сѐ однапред!“ “Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат. И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава. И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.“ А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата. Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сѐ ова не се збидне. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат. А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.“ “Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето! Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вра-тарот му нареди да бдее. И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро, за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани. А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!“