Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 12:28-44

Марко 12:28-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог! Сакајте Го Господ, вашиот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја снага!‘ Втората заповед е слична на првата, и гласи: ,Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Други заповеди, поважни од овие, нема. Вероучителот рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека има само еден Бог. Да се сака Бог со сето срце, разум и снага и да се сака ближниот како самиот себе е повредно од секаков вид жртва!“ Кога Исус виде дека човекот даде умен одговор, му рече: „Не си далеку од Божјото царство!“ По ова, на Исус никој повеќе не се осмели да му поставува прашања. Подоцна, додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат вероучителите да тврдат дека Месијата му е син на Давид, кога самиот Давид, поттикнат од Светиот Дух, рекол: ,Му рече Јахве на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Ако самиот Давид Го нарекол Месијата свој Господ, како тогаш Месијата може да му биде син!?“ Многубројниот народ со одушевување го слушаше учењето на Исус. Продолжувајќи да поучува, Исус рече: „Пазете се од вероучителите! Тие уживаат да се шетаат во долги мантии и да бидат поздравувани на јавните места. Ги сакаат челните места во храмовите и почесните места на гозбите. Тие им го изедуваат имотот на вдовиците, а божем се молат со долги молитви! Тие ќе бидат најстрого судени!“ Исус седна во храмот спроти ковчежето за доброволни прилози и ги набљудуваше луѓето како пуштаат пари во него. Забележа дека голем број богати луѓе ставаа големи суми пари. Дојде и една сиромашна вдовица и пушти две парички. Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите други! Зашто, сите други дадоа од својот вишок, а таа даде од својата немаштија; даде сe што имаше, целата своја издршка.“

Марко 12:28-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш пристапи еден од книж­ни­ци­те, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“ А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ‚Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед. А втората е слична на неа: ‚Воз­љуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“ Книжникот Му рече: „Добро, Учи­теле. Право кажа дека Бог е еден, и де­ка нема друг, освен Него; и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“ Исус, пак, кога виде дека умно од­говори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не се осмелуваше да Го прашува. И кога одговараше Исус, поу­чу­вај­ќи во храмот, рече: „Како тоа книжни­ците велат дека Христос е син Давидов, кога самиот Давид кажа преку Све­тиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­тели за подножје на нозете Твои!‘ И така, сам Давид Го нарече Гос­под; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задовол­ство. И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздра­вуваат по улиците, и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите. Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се мо­лат, ќе бидат потешко осудени.“ Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу. И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот; зашто сите пуштија од својот ви­шок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“

Марко 12:28-44 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И пристапи еден од книжниците, кој чу како се препираат, знаејќи дека им одговори добро, Го праша: „Која е прва од сите заповеди?“ Исус одговори: „Првата е: ‘Слушај Израеле - Господ, нашиот Бог - е единствен Господ, и љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила’!“ А оваа е втората: „Љуби го својот ближен како себеси!“ Друга заповед, поголема од овие, нема.“ И книжникот Му рече: „Добро, Учителе, кажа според вистината дека Бог е Еден, и нема друг освен Него, и да Го љубиш Него со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила; и да го љубиш ближниот како себеси, тоа е многу повеќе од сите паленици и жртви.“ А Исус кога виде дека одговори разумно - му рече: „Не си далеку од Божјото Царство.“ И никој повеќе не се осмели да Го праша. И проговори Исус и зборуваше, поучувајќи во Храмот: „Како збо-руваат книжниците дека Христос е Син Давидов? Самиот Давид рече преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од-десно Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.“ Самиот Давид Го наречува ‘Господ’ - како може тогаш да му биде син?“ И големо множество Го слушаше со задоволство. И во Својата поука, рече: „Чувај-те се од книжниците, кои сакаат: да одат во долги облеки; и поздрави по трговиштата; и први седишта во синагогите, и челни места на гозбите. Кои ги изедуваат домовите на вдовиците; и преправајќи се, се молат долго - тие ќе бидат судени построго!“ И седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во ковчежето; и мно-зина богати пуштаа многу. И дојде една бедна вдовица и пушти внатре две лепти, односно еден кодрант. Тогаш ги повика Сво-ите ученици и им рече: „Вистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите, кои пуштаа во ковчежето. Зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштина - пушти сѐ што имаше: целиот свој имот.“