Матеј 8:9-13
Матеј 8:9-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ и тој го извршува.“ Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера! И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство! А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“ Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот.
Матеј 8:9-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“ Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно, а наследниците на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве.
Матеј 8:9-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави. А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно; а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.“ И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.“ И неговиот слуга оздраве во истиот час.