Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 7:1-14

Матеј 7:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани. Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери. Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око! Како можеш да му кажеш на својот ближен: „Дај да ти ја извадам раската од окото“, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!“ „Не давајте им го на пците тоа што е свето; не фрлајте бисери пред свињи, зашто тие ќе ги изгазат, а пците, пак, и врз вас ќе се нафрлат!“ „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено, бидејќи, секој што моли ќе добие; оној што бара ќе најде; на оној што чука ќе му биде отворено. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб? Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!? Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“ „Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“ „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“

Матеј 7:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Не судете, за да не бидете судени; зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка ме­ри­те, со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш? Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од око­то‘, кога во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! Светото не давајте им го на кучи­ња­та, и не фрлајте си го бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“ „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде ка­мен, и кога ќе посака риба, ќе му даде змија? И така, ако вие кои сте лоши, уме­ете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец не­бесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? Сѐ она што сакате да ви прават лу­ѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“ „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“

Матеј 7:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Не судете, за да не бидете судени! Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.“ “Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око? Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’ Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.“ “Не давајте им го она што е свето на кучињата; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и да се завртат и да ве раскинат.“ “Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори. Или, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија? И така, ако вие, кои сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Татко, Кој е во небесата, ќе им даде добра на оние, кои Го молат?“ “И така, сѐ што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.“ “Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа. Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.“