Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 6:1-8

Матеј 6:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко. А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната; нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“ „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост. Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив.

Матеј 6:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен. И така, кога даваш милостина не разгласувај, како што прават лицеме­рите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“ „И кога се молиш, не биди како ли­цемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и крстопатите за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата на­града. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затво­риш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно). Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го по­молите.

Матеј 6:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Внимавајте да не ја вршите својата правда пред луѓето, за да ве видат тие; инаку немате награда од вашиот Татко, Кој е во небесата. И така, кога правиш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да бидат славени од луѓето. Вистина ви велам, ја имат својата награда. А ти, кога правиш милостина, нека не ти знае левицата, што ти прави десницата, за да биде твојата милостина во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“ “И кога се молите, не бидете како лицемерите, кои сакаат да се молат стоејќи по синагогите и на аглите од улиците, за да ги видат луѓето; вистина ви велам, ја имат својата награда. А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“ “А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови. И така, не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви е потребно, уште пред да Го помолите.