Матеј 5:38-45 - Спореди ги сите верзии
Матеј 5:38-45 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))
„Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“ „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните.
Матеј 5:38-45 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)
„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘ Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните.
Матеј 5:38-45 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)
“Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.“ “Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните.