Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 3:1-12

Матеј 3:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во тоа време, во јудејската пустина започна да проповеда Јован Крстител. Неговата порака беше: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“ Тој е човекот што беше претскажан од пророкот Исаија со зборовите: „Глас одекнува низ пустината, кој вели: ,Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него!‘“ Јован носеше облека исплетена од камилски влакна, а околу појасот носеше кожен ремен; се хранеше со скакулци и див мед. Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од сите предели по долината на реката Јордан. Тие ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше во реката Јордан. Но кога Јован виде дека кај него доаѓаат да се крстат и голем број фарисеи и садукеи, им рече: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од Божјиот гнев што доаѓа!? Докажете на дело дека навистина сте се покајале! Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да направи Авраамови потомци! Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод. Јас ве крштавам во вода, врз основа на вашето покајание, но Оној што иде по мене е многу поголем од мене и јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Тој има лопата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во вечен оган.“

Матеј 3:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пус­тина и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“ Зашто ова е, навистина, Оној за Ко­го говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Пригответе го патот на Господ и ис­правете ги патеките Негови!‘“ А Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај не­го и се крштаваа од него во реката Јор­дан, исповедајќи ги своите гревови. А штом виде Јован дека кај него до­аѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Рожби змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за покаја­ние и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви ве­лам, и од овие камења да му подигне че­да на Авраам. Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Јас ве крштавам со вода за покаја­ние, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги по­несам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган. Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го при­бере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“

Матеј 3:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во тие дни дојде Јован Крсти-тел и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: “Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: „Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот на Господа, направете ги прави Неговите патеки! А сам Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините; а скакулците и дивиот мед му беа храна. Тогаш излегуваа кон него: Ерусалим, цела Јудеја и целата Јорданска околина, и тој ги крштаваше во реката Јордан, а тие ги исповедуваа своите гревови. Штом виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: „Породи змијски, кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа? Затоа, принесувајте плодови достојни на покајание, и не мислете да речете во себеси: Авраам е наш татко, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраама. Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Јас ве крштавам во вода за покајание; но Оној, Кој доаѓа по мене е посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги понесам обувките. Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. Лопатата е во Него-вата рака, и ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере Своето жито во житницата; а плевата ќе ја изгори со неизгорлив оган.“