Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:45-56

Матеј 27:45-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина. Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“ Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа! Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа! Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе. Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа. Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.

Матеј 27:45-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“ А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа. И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. А стотникот и оние што со него за­едно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уп­лашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.

Матеј 27:45-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?“ А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!“ А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност