Матеј 26:26-44
Матеј 26:26-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“ Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“ Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“ Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва.
Матеј 26:26-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.
Матеј 26:26-44 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.“ И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!“ А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.“ Тогаш Петар одго-вори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.“ Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ Така рекоа и сите ученици. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.“ И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!“ И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!“ Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.“ И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови.