Матеј 26:20-25
Матеј 26:20-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“
Матеј 26:20-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
Матеј 26:20-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.“ И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!“ А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?“ Му кажа: „Ти рече!“