Матеј 26:17-75
Матеј 26:17-75 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“ Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“ Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“ Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“ Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“ Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак. Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија. Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине! Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии од ангели да ни заштитат? Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“ Потоа Исус ђ се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?. Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“ Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа. Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите и старешините. А Петар оддалеку Го следеше, си до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“ Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата Божјиот Син?“ Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам: ,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам на почесната, десна страна на Семоќниот, и како доаѓам на небесните облаци.‘“ На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“ За тоа време Петар седеше надвор, во дворот. Една слугинка му пријде и му рече: „И ти беше со Галилеецот Исус!“ Но тој пред сите одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Кога Петар се упати кон вратата, го виде уште една слугинка и им рече на оние што седеа таму: „И овој човек беше со Исус од Назарет!“ Петар повторно одрече и дури се заколна, изјавувајќи: „Не го познавам тој човек!“ Малку подоцна, некои од оние што стоеја таму се доближија до Петар и му рекоа: „Навистина, и ти си еден од нив! И говорот твој те издава!“ Но Петар почна да се колне и да ги уверува: „Јас не го познавам тој човек!“ Во тој момент запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови: „Уште пред петлите да запеат, ти трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник.“ Потоа излезе надвор и горко заплака.
Матеј 26:17-75 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“ И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците. Станете да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“ Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“ И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија. И ете, еден од оние што беа до Исус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте. Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините. Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот. А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“ Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“ Исус му одговори: „Ти рече! Ви велам отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“ Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење! Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“ Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го тепаа и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“ А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“ Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“ А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“ Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“ Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава!“ Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел. И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече: „Уште петел пред да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Па излезе надвор и горко плачеше.
Матеј 26:17-75 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.“ И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.“ И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!“ А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?“ Му кажа: „Ти рече!“ А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.“ И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!“ А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.“ Тогаш Петар одго-вори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.“ Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ Така рекоа и сите ученици. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.“ И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!“ И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!“ Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.“ И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Чове-чкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците. Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.“ И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини. А Него-виот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!“ И веднаш се приближи до Исуса и Го целива. А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат. Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели? Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?“ Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте. А ова сѐ се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книж-ниците и старешините. А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведо-штво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа, иако дојдоа многу лажни сведоци. Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’“ Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ А Исус молчеше. Прво-свештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?“ Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“ Тогаш прво-свештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата? Што мислите?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“ То-гаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници, а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“ А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде при него и му рече: “И ти беше со Галилеецот Исус!“ А тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“ А кога излезе пред главниот влез, го виде друга и им рече на тие, кои беа таму: „И овој беше со Назареецот Исус.“ Тој пак се одрече со закле-тва: „Не го знам Човекот.“ Малку потоа му се приближија оние, кои стоеја, и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава.“ Тогаш почна да се проколнува и да се заколнува: „Не го знам Човекот.“ И веднаш запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И излезе надвор и плачеше горко.