Матеј 26:17-30
Матеј 26:17-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“ Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора.
Матеј 26:17-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“ И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
Матеј 26:17-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.“ И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.“ И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!“ А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?“ Му кажа: „Ти рече!“ А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.“ И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора.